Финансиската поддршка од ЕУ е конкретна и видлива, процесот на реформи мора да продолжи

Интегрално соопштение од СДСМ: 

Процесот на интеграција во ЕУ, обезбедува позитивна трансформација и придобивки за граѓаните и државата. 

Република Северна Македонија, од ЕУ добива 100 милиони евра макрифинансиска помош со кои Унијата го поддржува планот на нашата држава за справување со енергетската криза и реформите важни за евроинтеграцискиот процес.

Новите 100 милиони евра од ЕУ, ќе бидат поддршка за фискалната одржливост и структурните реформи за фискално управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното окружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството, како и борбата против корупцијата.

Ваквата поддршка е само последна во низата финансиска помош на ЕУ кон нашата држава. 

Претходно, македонската држава доби и 60 милиони евра преку ИПАРД 2 програмата,  нови, неповратни 97 милиони евра на располагање преку ИПАРД 3 програмата за модернизација на македонското земјоделство; 160 милиони евра за помош во ублажувањето на економските последици од пандемијата, како и грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза.

ЕУ останува најсилниот и најпосветен партнер на нашата држава. 

Затоа, процесот на интеграција кон ЕУ, мора да продолжи и затоа е важно реформите да продолжат, преку носењето на потребните уставни измени. 

Секој пратеник, секој политички субјект има обврска и одговорност да даде поддршка на измените на Уставот со кои ќе направиме сериозен исчекор кон реализација на стртатешката цел – полноправно членство во ЕУ.