Финансиските институции не предвидуваат рецесија, туку само забавен економски раст

„И покрај сите предизвици, сите релевантни меѓународни финансиски институции сепак предвидуваат економски раст, но забавен. Рецесија не се предвидува ниту со песимистичките сценарија на меѓународните институции, како ММФ, Европската Унија, Европската централна банка, туку дополнително забавување на растот, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за „Радио Слободна Европа“. Но, потребно е внимателно следење со оглед на природата на шокот и високата неизвесност.
Централната банка направи надолна ревизија на проекциите за економскиот раст на земјава за оваа и следната година, со коja за 2022 година се очекува економски раст од 2,9%, додека за 2023 година раст од 3,6%.
Гувернерката посочува дека војната во Украина има ефекти врз глобалната економија преку повеќе канали: високиот раст на цените на примарните производи, особено на храната и на енергијата, намалувањето на трговијата на 5% оваа година и последниот, но многу значаен канал, е намалувањето на довербата кај инвеститорите и потрошувачите.
„Нашата економија нема позначајни директни финансиски и трговски врски со Русија и Украина кои учествуваат со околу 2% во вкупната трговија. Финансиските врски се релативно слаби: странските директни инвестиции од таму се помалку од 1%, приватните трансфери имаат незначително учество, а не се присутни руски и украински финансиски институции“, посочи гувернерката.