Акција на финансовата полиција за апсење на лице поврзано со случајот „Државна лотарија“

Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, за МИА потврди дека Финансиската полиција спроведува акција за апсење на лице поврзано со случајот „Државна лотарија“ кое треба да биде спроведено во обвинителство.

На прашањето дали има сознанија во врска со изјавата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочовска, која на денешната собраниска седница кажа дека поради злоупотреба на буџет е уапсено едно лице, Ивановски одговори потврдно.

-Да, точно е, финансиската полиција уапси едно лице поврзано со случајот „Државна лотарија“. Да почекаме да го однесат во обвинителство па ќе споделиме повеќе информации, рече директорот.

МИА се обрати и до МВР и ЈО, од каде посочија дека ќе ги проверат наводите и потоа ќе информираат.

Меѓу осомничените во случајот со Државна лотарија се и поранешниот вицепремиер, Артан Груби и ексдиректорот на Лотарија, Перпарим Бајрами, кои се во бегство.

За двајца од осомничените во случајот постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – проневера во службата, а за уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување.

Според Радио Слободна Европа, сопственикот на кумановската компанија „Ритрон копи“, Артан Ајрули, е уапсениот во рамки на истрага поврзана со работењето на поранешното раководство на Државната лотарија.

Истражувањето е насочено кон набавки на телевизори за Државната лотарија, реализирани преку договори со „Ритрон копи“.

Финансиската полиција проверува дали испорачаните уреди одговараат на спецификациите и брендовите наведени во договорите.

Од јануари 2022 година до октомври 2023, под раководство на Перпарим Бајрами како генерален директор, Државната лотарија склучила шест договори со оваа компанија во вредност од 365.252 евра. По неговото заминување, рамковните договори биле стопирани.

Оваа истрага е дополнување на претходни сомнежи за набавки и тендери во Државната лотарија, кои ги истражуваат и други компании поврзани со истите договори.