
Финската конзервативна Национална коалиција (NCP), којашто победи на парламентарните избори во април, постигна договор за формирање влада со евроскептичната антимиграциска Партија на Финците и со две помали партии.
„Горд сум на добрата програма и на резултатите од преговорите. Сите прашања добија одговори“, изјави во четвртокот доцна вечерта за новинарите во Хелсинки, Петери Орпо, мадатарот за состав на новата влада од NCP во присуство на челниците на трите други партии.
Со доведувањето на NCP, националистичката Партија на Финците, малцинската Шведска народна партија и демохристијаните на заедничка политичка платформа, Орпо остро ја сврти финската политика в десно.
Во текот на преговорите за коалициската влада коишто траеја 11 седмици којашто ќе ја води земјата следните четири години, Партијата на Финците и Шведската народна партија водеа жестоки дискусии за да постигнат договор за миграцијата, климатската политика и јавните финансии, но на крајот успеаја да постигнат компромис.
Политичките коментатори очекуваат дека владата на Орпо ќе го заузди фискалниот дефицит со намалување на надоместоците за невработените и за социјалната помош, заострување на миграцијата и со олабавување на еколошките обврски.