Финска од средата 15-ти ноември ќе го забрани преминувањето по должината на целата нејзина државна граница од страна на Русија со велосипеди, информираше руската амбасада во Хелсинки на својата веб-страница.
Како што се наведува во известувањето, руската дипломатска мисија во соседната земја од неодамна членка на НАТО добила известување од финските власти дека од полноќ кон средата, Финска ќе воведе забрана за преминување на границата од страната на Русија со велосипеди, а оваа мерка се воведува на неодредено време.
Станува збор, како што се наведува, за мерка којашто од 9-ти ноември веќе важи за трите погранични премини Ваалимаа, Нуијамаа и Иматтра на финскиот југоисток.
Ден претходно финските погранични власти во соопштение објаснија дека ваквата забрана ја вовеле поради зголемениот број државјани од трети земји, како Ирак, Сирија, Турција и други, кои во Финска влегуваат од Русија без документи и визи.
Според граничната служба на југоистокот на Финска од август од страна на Русија влегол 91 државјанин на трети земји, кој побарал азил во земјата. Притоа, дури 23 од нив пристигнале во првата седмица од ноември.
Претходно, слична ситуација беше забележана на крајот од 2015 година и почетокот на 2016 година. Во тоа време бегалците, главно од Африка и Блискиот исток, пристигнуваа со велосипеди на северните премини на финско-руската граница и бараа азил во Финска.
Инаку, како и другите земји од непосредното руско опкружување, и Финска го забрани влезот со возила со руски регистерски таблички, а од поодаман во нордиските земји на сила се законите кои забрануваа пренесување лица без соодветни документи со моторни возила.
Слични одредби има и Норвешка, која во декември 2016 година организираше автобуски транспорт на мигрантите назад во Русија, откако претходно мигрантите ги враќаше назад на велосипед поради правилата според кои на возилата им е забрането да ги префрлаат луѓето преку граница без неопходните документи, како и на луѓето да ја преминуваат границата пеш.
Овој потег тогаш беше осуден од страна на групите за човекови права со оглед на тоа што температурата на границата дење во тој период од годината е минус 30 степени Целзиусови.