Финска најави дека НАТО ќе воспостави нова команда на нејзина територија

Следната година НАТО ќе воспостави нова копнена команда во Финска, во близина на руската граница, со задача да ги предводи силите на алијансата во северна Европа во случај на воен конфликт со Русија, објави во петокот финското Министерство за одбрана.

Финска се приклучи на НАТО минатата година, ставајќи крај на децениската само декларативна воена неутралност како и соседна Шведска иако со децении оддржуваа воени вежби и соработуваа во воената индустрија, а како изговор за тој чекор беше инвазијата на Русија во Украина кон крајот на февруари 2022 година. Хелсинки сега ќе го организира присуството на Северноатлантскиот договор на своја територија.

„Утрово решив дека ќе му предложиме на НАТО формирање команда  (Multi Corps Land Component Command, MCLCC) во соработка со генералштабот во Микели“, на околу 300 километри од руската „северна престолнина“ Санкт Петербург, рече министерот за одбрана Анти Хаканен, откако во јуни објави дека сите членки на НАТО го одобриле планот.

Министерот најави дека тамошната единица првично ќе има годишен буџет од 8,5 милиони евра и дека ќе има неколку десетици странски команданти.

Финска и соседна Шведска, исто така нова членка на НАТО, рекоа претходно овој месец дека Стокхолм ќе го координира пристигнувањето на странските трупи на НАТО и меѓународните вежби во северна Финска. Сепак, Финска не бара постојано присуство на меѓународни сили како во блиските балтички земји бидејќи смеда дека веќе има своја силна армија.

Говорејќи на истата прес-конференција во петокот, командантот на финската армија Паси Валимаки рече дека географскиот опсег на новата единица ќе биде одлучен подоцна, но дека првично ќе го надгледува планирањето на операциите на копнените сили во нордискиот регион.

Русија укажува на невидена активност на НАТО на нејзините западни граници. Алијансата ги проширува иницијативите и го нарекува „зауздување на руската агресија“. Кремљ истакна дека Москва никому не се заканува, но нема да игнорира дејствија кои се потенцијално опасни за нејзините интереси.