ВИДЕО| Финската премиерка го осуди објавувањето на видеото со нејзиниот танц на забава

Финската премиерка Сана Марин изјави дека е вознемирена поради тоа што видеоснимките од нејзиниот танц и пеење на приватни забави се објавени на интернет, бидејќи биле наменети само за пријателите.

Триесет ишестгодишната Марин ја даде изјавата откако двеминутниот видео-запис од нејзино пеење и танцување со познати фински инфлуенсери и уметници се прошири на социјалните мрежи и финските медиуми во средата.

Инсертите првично биле објавени на приватен профил на Instagram. Марин, којашто во декември 2019 година стана најмладата премиерка во светот, изјави дека знаела оти ја снимаат но не мислела дека видеозаписите ќе станат достапни за јавноста.

„Тие видеа се приватни и снимани во приватен простор. Имам замерка што дојдоа во јавноста“, рече Марин за новинарите и додаде дека не знае кој ги проследил до медиумите и на интернет.

Финците се поделени во критиките и поддршката за младата премиерка поради начинот на кој го поврзува приватниот живот со високата политичка функција. Меѓутоа, весникот Helsingin Sanomat пишува дека епизодата ги отворила прашањата за нејзиното просудување.

„Марин можеби постапувала во добра намера, но толку лековерна не би смеела да биде… Премиерот може, во чувствителна ситуација, да стави оружје во информатичката војна во рацете на оние коишто би сакале да ѝ наштетат на Финска“, пишува весникот во својот воведник.

Марин изјави дека видео е компилација од инсерти од две различни забави од предно неколку седмици. Додаде дека луѓето на забавите консумирале алкохол, но дека никој не се дрогирал „колку што неа ѝ е познато“.

„Само се забавувавме, исто така, на бурен начин. Танцував и пеев“, рече Марин негирајќи ги тврдењата дека видеата биле рекламен трик на помалку од една година од следните парламентарни избори.

Марин во јануари во разговор за агенцијата Reuters рече дека таа и нејзините колешки млади министерки биле цели на чест говор на омраза поради нивниот пол и изглед додека биле на функциите.