Финскиот министер за транспорт и врски, Тимо Харака во понеделникот изјавил дека ќе предложи да се суспендираат летовите од Скопје кон Турку на состанокот на министрите на владата во вторник, објавија финските медиуми.
Предложената препорака на Харака следи по десетиците позитивни тестови за коронавирус кај патниците кои пристигнуваат од скопскиот аеродром. Дури 26 лица кои пристигнале со летот што слетал во Турку на 8 август биле тестирани за позитивни, додека пет позитивни тестови биле пријавени на друг лет од истата дестинација минатиот вторник. Дополнителни 12 случаи биле откриени на летот што пристигнал минатата сабота.
„Ова е исклучителна мерка, но многу новозаразени се појавија преку оваа авио-линија. Затоа мора да преземеме акција и колку што јас добив информации, владата ќе го направи тоа“, изјавил Харака во понеделникот.
Тој истакнал дека мерката ќе биде привремена и додал дека слично дејствување не се разгледува за други летови.
Градоначалникот на Турку, Мина Арве, во понеделникот открила дека почнала преговори за да се подобри сигурноста на летовите од Скопје до Турку со нискобуџетниот авиопревозник Визер со седиште во Унгарија.
„Денеска почнавме разговори со Град Турку, Финавиа и Визер како да обезбедиме дека на авионите за Турку нема да доаѓаат и нема да се качуваат патници инфицирани со коронавирус. За ова сите сме загрижени. Авиокомпаниите не смеат да се остават сами на себе, самите да се справуваат со овој проблем“, вели Арве.
Министерот за здравство, Венко Филипче на вчерашната прес-конференција, изјави дека после првичниот случај со летот за Турку, пратиле писмо преку нашето МНР до амбасадата во Стокхолм, која ја покрива Финска, но се уште не сме го добиле списокот со првичните 24 позитивни патници.
„Чекаме да видиме дали се наши државјани, во тој случај би биле асимптоматски или државјани на Косово кои транзитирале низ нашата земја. Нема потреба од нашиот аеродром да излегуваат позитивни патници, кога имаме една од подобрите здравствени ситуации во регионот и пошироко“, соопшти Филипче.