Финската влада во понеделникот го повика парламентот официјално да го усвои темелниот договор со НАТО, со што земјата би требало да ја подготви земјата за членство во воениот сојуз кога засега воздржаните Турција и Унгарија во своите парламенти ќе го ратификуваат договорот.
„Нашето напредување кон членството во НАТО е важно за нас Финците, но и за членките на НАТО“, изјави министерот за надворешни работи Пекка Хаависто на прес-конференцијата по повод поднесувањето на договорот во националниот парламент. Се претпоставува дека за договорот во парламентот ќе се дискутира неколку месеци.
Во мај 188 од вкупно 200 пратници во финскиот парламент го поддржаа поднесувањето на барањето за членство, а против беа само осум законодавци. Простото мнозинство во парламентот ќе биде доволно да се одобри договорот со НАТО, имајќи предвид дека не бара моментални промени на постоечкото финско законодавство или овластувања за одредени надворешни и безбедносни политики, наведува министерството за надворешни работи.
Истовремено министерот Хаависто пред новинарите рече дека Финска не се стреми да распореди нуклеарно оружје на НАТО на својата територија велејќи дека „ние не го бараме тоа, и никој не ни го нуди“. Истакна и дека е прерано да се размислува за тоа како ќе се развиваат активностите за обука на финската војска кога земјата ќе стане членка на НАТО, но оти секако ќе биде зголемен бројот на меѓународните воени операции во кои ќе се вклучи Финска.
Финска и соседната Шведска, кои долги години тесно и континуирано соработуваа со НАТО и учествуваа во заедничките маневри и покрај декларираната воена неутралност, ја искористија руската инвазија во Украина конечно директно да побараат вклучување во Северноатлантската алијанса. Но нивното барање за членство зависи од одобрувањето на 30 членки, од кои 28 веќе го ратификуваа.
Се очекува дека Унгарија ќе даде зелено светло во февраури, а Турција бара од двете нордиски земји гаранции и дополнителни чекори во борбата против тероризмот, бидејќи Анкара ги обвинува Хелсинки и Стокхолм за давање засолниште на лица кои турските власти ги обвинуваат за припадност на терористички организации и посочува дека двете земји треба да сторат повеќе пред да им биде одобрено членството во НАТО.