Суд во Финска во петокот пресуди дека двајца новинари на најголемиот дневен весник во земјата Helsingin Sanomat се виновни за објавување тајни воени податоци, во редок кривичен случај на ограничување на слободата на медиумите во оваа нордиска земја.
Окружниот суд во финската престолнина Хелсинки ги казни Туомо Пиетилаинен, главниот автор на новинскиот извештај од 2017 година „Најмистериозното место во Финска“, а неговата колешка Лаура Халминен, иако прогласена виновна, мина без казна поради споредната улога во подготвувањето на новинскиот напис.
Финска со години е при самиот врв од земјите со најголеми медиумски слободи според оцените на Репортери без граници (Reporters sans frontières – RSF), но минатата година падна на петтото место на листата од 180 земји, делумно и поради споменатиот случај.
„Ако судот во Финска, земјата којашто е највисоко рангирана според индексот на медиумските слободи, гони новинари поради известување за прашања од национална безбедност, каква порака тоа испраќа за пониско рангираните земји“, се поставува прашањето во реакцијата на RSF и се додава дека станува збор за „опасен преседан“.
Во написот објавен тогаш во Helsingin Sanomat беа наведени десет години стари податоци за локација и задачите на разузнавачката единица на одбранбените сили, во моментот кога парламентот на Финска требаше да дисутира за проширување на своите овластувања во поглед на надзорот над личните и приватните податоци на дигиталните мрежи,
Судот во соопштението за јавноста најавува дека весникот објавил „информации поврзани со воената разузнавачка служба со ознака за строга доверливост, а поради финската надворешна безбедност“.
Судот, исто така, пресудил дека објавените податоци немаат никаква поврзаност со законот за кој тогаш се дискутираше во парламентот и дека новинскиот напис не открил никакви проблеми или злоупотреби кои би го оправдале објавувањето на текстот.
Главниот уредник на дневниот весник Helsingin Sanomat, Антеро Мукка, изјави дека е разочаран од пресудите и дека и покрај благата казна ѝ е нанесена штета на медиумската слобода.
Новинарите може да се жалат на пресудата. Обвинителството за новинарите, но и за главниот уредник, бараа условна казна затвор од најмалку 18 месеци.