По осум сезони минати во Ливерпул, бразилскиот фудбалер 31-годишниот Роберто Фирмињо кариерата ќе ја продолжи во Ал Ахли, соопштија од саудискиот клуб.
Бразилецот е второто големо засилување на новиот саудиски прволигаш Ал Ахли по доаѓањето на поранешниот голман на Челзи, Сенегалецот Едуард Менди.
„Отсекогаш сум играл за големи тимови, сега сум во Ал Ахли“, изјави Фирмино во видеото на клупскиот профил на Twitter.
Фирмињо ја започна кариерата во Фигуеиренсе, а во 2011 година се пресели во германски Хофенхајм каде остана четири години. Потоа осум години играше за ливерпулските „Црвени“, за кои забележа 362 настапи и постигна 111 голови.
Со Ливерпул освои седум трофеи, меѓу кои Лигата на шампионите (2019) и англискиот шампионат (2020). За бразилскиот национален тим одигра 55 натпревари и постигна 17 голови.
Фирмињо без обештетување пристигна во клубот од Џеда, потпишувајќи договор на три години.
Ал Ахли минатата сезона беше предводен од Јужноафриканецот Пико Мосимане, но моментално е без тренер.
Фирмињо е последниот во низата фудбалски ѕвезди кои се преселиле во саудиски клубови. Сигурно најпознат трансфер беше трансферот на Кристијано Роналдо од Манчестер Јунајтед во Ал Наср. Потоа дојдоа Карим Бензма, Марсело Брозовиќ, Н’Голо Канте, Рубен Невес, Калиду Кулибали, тренерот Стивен Џерард…