![фитр](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/12/fitr.jpg?resize=696%2C398&ssl=1)
Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) соопшти дека поднесе апликација за акредитација во Зелениот климатски фонд (ЗКФ). Со успешно завршување на процесот на акредитирање, ФИТР ќе стане прва акредитирана национална институција во земјава која ќе овозможи поголем пристап до финансии од ЗКФ наменети за реализирање на климатските програмски приоритети и поттикнување иновативни, зелени инвестиции, во процесот на климатско финансирање и негово интегрирање со националните акциски планови за клима.
-Горд сум на тимот на ФИТР, кој со поддршка од Организација за храна и земјоделство (ФАО), изминатиот период напорно работеше на подготовка на Анализа на јаз, согласно критериумите за акредитација на ЗКФ како и подготовка на План на активности за надминување на идентификуваните јазови, како дел од процесот на поднесување на апликацијата за акредитација од ЗКФ. Со овој чекор, активно се вклучуваме во борбата со климатските промени и јасно ставаме до знаење дека зелените инвестиции се фокусот на работа на Фондот за иновации и технолошки развој во наредниот период. Сите ние мора да превземеме конкретен чекор за да овозможиме подобра иднина ние и новите генерации, истакна директорот на ФИТР, Фестим Халили.
Согласно Одлука на Владата, ФИТР беше назначен да биде првиот национален субјект кој ќе почне постапка за акредитација од ЗКФ.
-Користењето на средствата од ЗКФ ќе придонесе кон имплементација на климатските програмски приоритети на РСМ. Минатата година ФИТР во соработка со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и ФАО, објави повик за „Справување со климатски промени 2022”. Пет домашни компании се добитници на финансиска поддршка во вкупен износ од 7,5 милиони денари, кои веќе започнаа со реализација на своите иновативните решенија, насочени кон ублажување или намалување на последиците од климатските промени, информира ФИТР.