ФИТР со најскапиот повик досега – 130.000 евра за иновативни проекти

Компаниите кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друга фирма и со установа која врши научно-истражувачка дејност, од денеска до 15 октомври може да аплицираат на најновиот повик што го објави Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Повикот вреден осум милион евра, е за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации и е наменет само за компании кои не се тековни корисници на инструментите на ФИТР.

Аплицирањето е исклучиво онлајн, а максималната поддршка за проектите ќе биде 20 милиони денари.

Станува збор за најголем јавен повик на ФИТР годинава според обемот на обезбеден буџет за кофинансирање.

Со овој повик се воведува и една новина  кај механизмот за повраток на средства – доколку корисникот достави доказ за инвеститор кој вложил износ од најмалку 50 отсто од износот на финансиска поддршка доделена од Фондот, корисникот ќе биде ослободен од обврската за плаќање на ројалти.

Услов е годишните приходи на апликантот да не надминуваат 10 милиони евра според финансиските извештаи за претходните две фискални години и други.

Преку овој инструмент Фондот обезбедува поддршка до 20 милиони денари и тоа: до 70 отсто финансирање од вкупниот буџет на проектот, за претпријатија чиј просечен број на вработени е до 50 вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од два милиона евра и до 60 проценти финансирање од вкупниот буџет на проектот, за претпријатија чиј просечен број на вработени е од 50 до 250 и чиј годишен приход во последните две години е поголем од два милиона, а помал од 10 милиони евра.

Времетраењето на проектот за кој се доделени финансиски средства преку овој инструмент може да биде до 24 месеци.

Покрај финансиската поддршка, на компаниите кои ќе аплицираат на овој јавен повик, Фондот повторно им нуди можност за дополнително финансирање преку партнерите: Стопанска Банка, Тутунска Банка, Шпаркасе Банка, Прокредит Банка, УниБанка и СилкРоуд Банка, со што на компаниите им се достапни кредитни производи и услуги по привилегирани пониски каматни стапки од редовните. Дополнително, на компаниите им се достапни кредитите за користење на клауд платформата на Amazon Web Services, во износ од 10.000, 25.000 и 100.000 американски долари.

Изминатите три години, само преку инструментите за комерцијализација на иновациите и за подобрување на иновативноста, се поддржани 198 проекти или околу 30 отсто од вкупниот број, а за нив се издвоени 28 милиони евра или 66,3 отсто од доделените 42 милиона ерва.