![preskonferencija2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/08/preskonferencija2.jpg?resize=683%2C423&ssl=1)
Раководството на фудбалскиот клуб Вардар, по пример на големите светски фудбалски клубови, ќе гради свој тренинг центар. Новиот тренинг центар на Вардар ќе содржи 3 фудбалски терени, од кои два терена ќе бидат со природна трева, а еден терен ќе биде со вештачка трева.
На просторот на тренинг центарот на ФК Вардар, покрај спортските објекти ќе се наоѓа и административниот дел на клубот, сала за состаноци, и прес центарот на клубот.
“Постулатите на овој проект беа поставени при самото потпишување на купо-продажниот договор со град Скопје, тренинг центарот е дел од развојната програма на Ф.К. Вардар и има за цел на долг рок да обезбеди активен прогрес во делот на тренажниот и натпреварувачкиот процес. Ф.К. Вардар во својата историја на постоење до сега немал свои репрезентативни простории и за нас раководството на клубот, покрај правењето на тим кој ќе се бори за двојната круна во македоснкото фудбалско првенство, една од главните приорите ни беше и изградбата на овој тренинг центар, кој покрај спортскиот дел, ќе има и административен дел, каде ќе се наоѓаат канцелариите на клубот. Овој тренинг центар ќе се гради по сите европски и светски стандарди, и ќе ги задоволи сите потреби на фудбалерите, како од првиот тим, така и на фудбалерите од сите младински категории. Тренинг центарот на Вардар ќе содржи 3 фудбалски игралишта, од кои две со природна трева, и едно со вештачка трева. Фудбалската академија на клубот Вардар, која отсекогаш претставувала извор на врвни фудбалери, сега ќе има шанса да работи во максимално професионални услови, и да допринесе уште повеќе за македонскиот фудбал”, изјави извршниот директор на Вардар, Самоил Симев.
Во склоп на тренинг центарот на Вардар, ќе има и фудбалска академија со сместувачки капацитети од 14 двокреветни соби, 3 апартмани, внатрешен и надворешен ресторан, како и паркинг според сите стандарди и прописи.
Инвестицијата за овој проект ќе чини приближно 1 милион евра, а на конкурсот за идејно решеие беше одбрана компанијата Торус Инжињеринг, а локацијата за изградбата ќе се утврди дополнително, поради анализа и естимација со три општини во Скопје.
Промоцијата ќе биде најдоцна до 15-ти октомври, а врз основа на целиот динамички процес согласно со законските регулативи, тренинг центарот ќе биде готов до крајот на првиот квартал во 2015-та година.