Кандидатот за претседател на Македонија Стево Пендаровски се чини и натаму останува грчки фаворит на изборите во Македонија.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, кандидатот на СДСМ станува миленик на грчката публика не само поради неговите флексибилни позиции за името, туку и поради обвинувањата насочени кон македонската Влада кои што идентично се поклопуваат со грчките тези.
Цитирајќи една од последните изјави на Пендаровски, грчки „Нон пејпер њуз” пишува дека македонската страна ги злоупотребувала разговорите за името во Обединетите Нации.
„Пендаровски ја критикуваше владата на Македонија и ја обвини дека ги злоупотребува разговорите под посредство на Обединетите Нации”, се вели во текстот нагласувајќи дека Пендаровски обвинил оти среде „изборна кампања, ‘патриотите’ во владата решиле да тргуваат со Нимиц”.
Во анализите во грчкиот печат доминираат тезите дека Пендаровски е со флексибилни позиции за името, за разлика од претседателот Иванов за кој што велат дека има цврсти и непопустливи ставови.
„Претседателот на Македонија и кандидат поддржан од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Иванов, за време на изборните собири викендов ја реафирмираше позицијата за прашањето за името, се вели во текстот на ‘Нон пејпер њуз’, цитирајќи го Иванов во делот дека како претседател нема да поддржи промена на Уставот во смисла на промена на уставното име и дека нема да биде прифатен никаков предлог кој што ќе ја компромитира специфичноста на македонската култура, идентитет и на македонскиот модел на коегзистенција.
За обвинувања пак што Пендаровски ги упатува на адреса на македонската страна во контекст на разговорите за името, останува голема веројатноста наскоро да почнат да ги користат и грчките политичари за оцрнување на земјата и прикажување како неконструктивна, како што тоа се случуваше во минатото со сопартијците на Пендаровски.
Слични аргументи против Македонија на Грците неодамна им даде и потпретседателската на СДСМ Радмила Шеќеринска во интервјуто за грчки „Еуроактив”, а нејзините напади против македонската влада во однос на разговорите за името беа користени од страна на грчки дипломати и политичари против Македонија на меѓународна сцена.
И изјавите на Бранко Црвенковски во истиот контекст своевремено беа главното оружје на грчката страна во тужбената постапка што Македонија ја поведе пред судот во Хаг.