Законодавниот дом на Флорида, контролиран од републиканците, усвои нацрт-закон со кој се забрануваат социјалните мрежи за деца под 16 години, потег што поддржувачите велат дека ќе ги заштити малолетниците од онлајн ризиците за нивното ментално здравје.
Претставничкиот дом на оваа сојузна држава го усвои законот со 108 гласа „за“ и седум против, неколку часа откако Сенатот го даде конечното одобрување.
Мерката, која сега е претпратена за потписот на републиканскиот гувернер Рон ДеСантис, бара од социјалните мрежи да ги укинат профилите на сите помлади од 17 години. ДеСантис, кој не кажа дали ќе ја потпише мерката, минатиот месец изрази загриженост за потенцијалното прекршување на правата на приватност.
Поддржувачите на забраната велат дека законот ќе ги заштити децата од штетните ефекти на социјалните мрежи, како што се анксиозноста, депресијата и другите ментални болести, и ќе биде од полза за оние кои прекумерно користат такви платформи.
Критичарите, пак, велат дека законот го прекршува Првиот амандман на Уставот на САД, кој гарантира слобода на говорот и дека родителите, а не владата треба да носат такви одлуки.
Во март 2023 година, Јута стана првата американска сојузна држава што донесе закони за регулирање на пристапот на децата до социјалните мрежи, а наскоро ќе се придружат и Арканзас, Луизијана, Охајо и Тексас, според анализата подготвена пред нацрт-законот на Флорида. Во анализата се вели дека и голем број други сојузни држави размислуваат за слични регулативи.