Гувернерот на американската сојузна држава Флорида, Рон Десантис, во четвртокот го потпиша прописот со кој на поротите им се овозможува да одредат смртна казна и во случај кога не се едногласни.
Републиканскиот гувернер, еден од најголемите конкуренти на поранешниот претседател Доналд Трамп за номинација на партијата за претседателските избори следната година, го даде конечното одобрување за мерката којашто на поротите им дава право да одредат смртна казна во случаја која на тоа се противат четворица или помалку поротници. Во американските пороти има 12 поротници.
Предлогот што го потпиша Десантис доби силна поддршка во мнозинскиот републикански парламент на сојузната држава Флорида.
Поддршката за оваа промена се зголеми ланскиот октомври, кога поротата не успеа да дојде до едногласна одлука за смртната казна за Никлас Круз, осуден за убиство на 17 лица во средното училиште во Паркленд. Тој масакр од 2018 година е едно од најсмртоносните масовни пукања во образовна институција во историјата на САД.
Против смртната казна тогаш гласаа тројца поротници, па Круз е осуден на доживотен затвор без право на условно ослободување.
Десантис во четвртокот опкружен од родителите на жртвите, ја потпиша мерката за којашто рече дека ќе „осигури соодветна правда“ во идни случаи.
„Еднаш кога порота едногласно во случај на смртна казна го прогласи обвинетиот за виновен, еден поротник не би смеело да може да стави вето на тоа“, изјави гувернерот Десантис.
Оваа одлука се однесува само на процесите во коишто се разгледува смртната казна и не го менува правилото за едногласно одлучување дали обвинетиот е виновен или не.
Флорида со тоа ѝ се придружи на Алабама, единствената друга сојузна држава која не бара едногласност на поротата при изрекување смртна казна.