Фокусиран сум на мерката да не бидат зголемени платите на функционерите, а да бидат зголемени платите на вработените во администрацијата и други сектори, истакна денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за неговиот став за зголемување на минималната плата. Посочи дека за мерката да не растат платите на функционерите ќе разговараат внатре во Владата, а еден од начините е намалување на коефициентите.
-Ние со ова замрзнување го намалуваме тој процент од година во година, за да дојдеме до процент еднаков на нула, изјави Мицкоски при денешната посета на општина Аеродром.
Потсети дека во изминатите четири месеци зголемени се пензиите кои веќе ги добија првите 2.500 денари, а следните ќе го добијат во март.
-Со образованието исто така постигнавме договор на подолг рок, сега се работи на здравствените работници. Чекор по чекор се испорачува, она што го очекуваат граѓаните. Се извинувам што овие четири месеци не успеавме сѐ да направиме, но во овие барем година дена да направиме најголем дел од работите, коишто години и децении недостасуваа да се направат, рече Мицкоски.
Посочи дека во Буџетот за 2025 година ќе биде на седница на Влада во вторник, а според него, оваа Влада се темели на стимулирање на инвестициите што ќе ја зголемат продуктивноста.
-Со зголемената продуктивност ќе има поголемо производство, а со поголемо производство ќе има поголем Бруто домашен производ (БДП). Тоа е филозофијата на оваа Влада. Не е филозофијата на оваа Влада да ги зголеми 10 проценти, а да ја качи инфлацијата 20 проценти и практично платите да бидат безвредни. Туку нашата интенција е да ги зголемиме 10 проценти, ама инфлацијата да остане два проценти, односно да бидат вредни тие плати, коишто ги добиваат работниците. Тоа е она што е наша цел, изјави Мицкоски.
Што се однесува до мерката есенска потрошувачка кошничка и до реакциите дека намалувањето на цените на прехранбените производи е минимално, Мицкоски рече дека е подобро да има намалување, отколку зголемување.
-Математички ако гледаме е повеќе од нула, а е подобро да е намалено, отколку да е зголемено, како што беше случајот до пред неколку месеци. Замислете што се случува во овие четири месеци од оваа Влада. Платите повторно растат со истата динамика, како што растеа и претходно со таа разлика што сега Народната банка двапати ја намалува референтната каматна стапка, а инфлацијата се движи на ниво меѓу 2 и 2,5 проценти, нешто што беше мисловна именка за претходната Влада, бидејќи бевме рекордери во инфлација во Европа, имавме инфлација над 20 проценти, рече Мицкоски.
Според него, охрабрувачки индикатор е што имаме раст на платите, а инфлацијата е за десет пати намалена.
-Дали е доволно? Не е, ќе работиме за уште повеќе, следниот месец да биде 1.500, па 2.000 итн. се додека не бидеме сите задоволни, истакна Мицкоски при денешната посета на Општина Аеродром.