„Фолксваген“ ќе исплати оштета од 14, 7 милијарди долари во САД

Германската компанија „Фолксваген“ постигна договор за исплата на 14,7 милијарди долари отштета за сопственици на автомобили во САД.

Исплата ќе следува откако компанијата призна дека користеле софтвер за лажирање на контролата на издувни гасови.

Според извори запознаени со случајот, секој сопственик ќе добие по околу 10.000 долари отштета. Десет милијарди долари се за поправка или откуп на околу 475 илјади автомобили како и за дополнително обештетување меѓу 5.000 и 10.000 долари за секој сопственик.

Договорот предвидува и уплата на 2,7 милијарди долари во фондови за заштита на животна средина и уште две милијарди за истражување зелена технологија.

Официјалната одлука треба денеска да биде соопштена, а пред тоа договорот мора да го одобри судија. Сопствениците може да ја одбијат понудата на Фолксваген и приватно да ја тужат компанијата.