Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен им порача на властите на Босна и Херцеговина и на највисоките избрани функционери во земјата дека таа има „високи очекувања“ од нив, односно инсистира на спроведувањето на реформите на коишто самите се обврзаа кога кон крајот на 2022-ра БиХ доби статус на кандидат за членство во Европската унија.
Фон дер Лајен во писмото адресирано до Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, чија содржина во вторникот ја објавија сараевските медиуми, потсетува дека спроведувањето на реформските приоритети дефинирани уште во 2019 година и натаму е задачата на којашто инсистира ЕК и оти тоа ќе го прави и во иднина.
„Комисијата ќе се вклучи во политичкиот дијалог со новите власти во врска со рамката за политичкиот форум на високо ниво за да го надгледува спроведувањето на 14-те клучни приоритети и да известува за натамошниот напредок“, стои во писмото.
Фон дер Лајен му порачува на Беќировиќ дека смета на целосна соработка на Претседателството на БиХ, но истакнува дека примарната одговорност сега е на Советот на министрите на БиХ, бидејќи тој треба да презема мерки за да започне спроведувањето на реформите. Додава дека ЕУ го цени придружувањето на БиХ на осудите на руската агресија на Украина и оти смета дека таквиот пристап на Сараево ќе продолжи.
Усогласувањето на надворешната политика на БиХ со онаа на ЕУ, исто така, е предуслов за натамошен напредок на земјата на патот кој полноправното членство, но тоа отворено го опструираат властите на ентитетот Република Српска, чиишто претставници во телата на власта на државно ниво одбиваат да поддржат секакво придружување на какви и да се санкции против Русија. Претседателот на ентитетот Милорад Додик не ги крие блиските врски со руските функционери, вклучително и со претседателот Владимир Путин.
Европската комисија претходно ги повика новите власти на БиХ определбата за членство во ЕУ да ја докажат со забрзано усвојување на законот за конфликтот на интересите на државно ниво, односно со измени на законот за Високиот судски и обвинителски совет. Тоа сѐ уште се нема случено, но Един Дилберовиќ, директот на Директоратот за европски интеграции на БиХ, тврди дека напредок, сепак, има односно дека се „деблокирани“ пет од 14-те приоритети.
Притоа во изјава за весникот Dnevni avaz го набројува воспоставувањето на соработката со Еуроџаст што го смета за исчекор во борба против организираниот криминал, токму како и усвојувањето на стратегијата со којашто се уредува таа сфера. За важно го смета и усвојувањето на акцискиот план за спроведување на стратегијата во областа на миграциите и азилот до 2025 година, како и воспоставувањето на контакт точка за соработка со Европол, За Дилберовиќ постигнување е и тоа што е донесен предлог-законот за слободен пристап до информациите, како и дека во тек е изработката на програмата за интегрирање на БиХ во ЕУ.
„Важно е конкретните чекори да биде преземени до есенва, бидејќи очекуваме тогаш Европската комисија да го објави новиот извештај за БиХ во кој со голема внимание ќе се оценува напредокот во спроведувањето на 14-те клучни приоритети“, вели Дилберовиќ.