Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска се очекува да пристигне во Скопје. Според најавите, таа попладне ќе се сретне со претседателот на државата Стево Пендаровски, а за утре е најавена средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Тема на разговор, како што најави вицепремиерот Бојан Маричиќ, се очекува да биде во врска со потребните и неопходните реформи, како и за дополнителните средства што треба да ги добиеме како помош од ЕУ и мотивација за реформите.
Според него, се очекува таа да ги најави извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, чие објавување е предвидено за 8 ноември, како и да ги презентира основните црти на Планот за раст на Западниот Балкан, што би требало да биде објавен до крајот на оваа година.
„Тоа е еден план којшто ни овозможува имплементација на некои политики на ЕУ во нашите земји уште пред членството. Значи, тоа е еден вид на интеграција пред членство. Тоа е план којшто треба да ни овозможи повеќе шанси за нашите млади, за нашата бизнис заедница и план кој треба да ни овозможи повеќе шанси и за институциите и за граѓаните пред пристапувањето во ЕУ“, рече Маричиќ.
Фон дер Лајен од Скопје ќе отпатува за Приштина, а потоа ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево. Посетата, како што е најавено, ќе ја искористи да разговара за билатералната соработка со регионалните лидери и за подетално да им го претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.