![](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/ursula-fon-der-lajen.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Европската унија нема да остане без одговор на воведувањето на неоправданите царини од страна на САД и ќе преземеме соодветни и решителни контрамерки, најави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по средбата во Минхен со баварскиот покраински премиер Маркус Содер.
– Ги зајакнавме нашите алатки за да ги заштитиме нашите интереси, нашите компании и нашите работници, но се подразбира дека ние секогаш сме подготвени да бараме заеднички решенија со САД, од кои корист ќе имаат и двете страни, додаде Фон дер Лајен.
Таа потенцира дека е важно да се нагласи значењето на врските меѓу Европа и САД кои имаат толку многу заедничко, додавајќи дека „Америка е останува најблизок партнер“ на ЕУ.
– Сакаме да ја продолжиме соработката со САД. Веруваме дека трговските војни и казнените царини не му користат никому. Царините се даноци. Тие ја зголемуваат инфлацијата. Тие особено ги погодуваат работниците, бизнисите и групите со ниски приходи. Тие ги нарушуваат важните синџири на снабдување од двете страни на Атлантикот. Никој нема корист од царините, рече Фон дер Лајен.
Според неа, во вакви услови кога светот во целина се менува со молскавично темпо и Европа „треба да забрза“.
– Сигурна сум дека можеме да го направиме тоа. Треба да станеме поконкурентни. Мора да се вратиме и на значително повеќе инвестиции во одбраната и безбедноста. Треба да ги зајакнеме нашите домашни индустрии и иновации и, со тоа, на крајот да го зајакнеме суверенитетот на Европа, истакна Фон дер Лајен.
Таа додаде дека важно прашање што предизвикува загриженост во Европа се и случувањата во Украина и условите за ставање крај на „страшната војна“ во оваа земја.
– Народот на Украина, како и ние, има најголем интерес да види фер и траен мир. Ова е особено важно ако земјите од Европа сакаат да ја гарантираат безбедноста и да преземат одговорност за обновата на земјата. Цврсто стоиме зад Украина и со нашите многубројни меѓународни партнери сакаме да бидеме сигурни дека таа може да одлучува од позиција на сила за условите под кои сите страни ќе го положат оружјето. Иднината на Украина е и иднината на Европа, рече Фон дер Лајен, која престојува во Минхен за учество на Минхенската безбедносна конференција.