Фон дер Лајен му најавила вакцини на Заев за во април од оние за Западен Балкан

Премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил објави дека остварил телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со која разговарале за соработката меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан во услови на здравствена криза.

„Претседателката ме извести дека ЕУ обезбедува 651.000 дози вакцини за заштита од ковид-19 како директна помош за граѓаните на земјите од Западен Балкан, а соодветен дел од нив согласно бројот на жители во текот на април ќе пристигнат и во Северна Македонија“, напиша Заев.

Тој додава дека со Лајен заеднички констатирале оти европската соработка и солидарност мора да бидат на прво место во услови на глобална пандемија и загрозено јавно здравје, и ја потврдиле обостраната силна заложба за забрзана интеграција на регионот кон Унијата.