Фон дер Лајен најави континуитет на нејзините политики, ја нагласи безбедноста

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот говор во Европскиот парламент во четвртокот пред гласањето за нејзиниот втор мандат, зборуваше најмногу за безбедноста и конкурентноста на континентот, осудувајќи ја посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва и повика на „запирање на крвопролевањето во Газа“.

Во своето обраќање пред Европскиот парламент пред гласањето, поранешната неуспешна и заменета минситерка за одбрана на Германија во мандатот на канцеларката Ангела Меркел, рече дека Европа има избор „дали сака да биде обликувана од настаните и светот околу неа или ќе се обедини и ќе ја гради сопствената иднина“.

„Европа не може да ги контролира диктаторите и демагозите ширум светот, но може да избере да ја зачува својата демократија“, рече фон дер Лајен во говорот за „демократските сили кои се спротивставуваат на демагозите и популистите“.

Фон дер Лајен ја објави „Инвестициската комисија“ во нејзиниот програмски предлог. На првата пленарна седница на десеттиот составв на Европскиот парламент во Стразбур, таа истакна дека на европската конкурентност и треба „голем поттик“ и дека е потребна помала бирократија и „микро-менаџмент“ за да се олесни бизнисот.

Таа најави продолжување на „зелената транзиција“ на ЕУ кон „чисти извори“ на енергија, како што е водородот, и политиката за заштита на животната средина и борбата против климатските промени.

Друг акцент беше ставен на безбедноста на континентот, со барање за формирање на европска одбранбена унија. Фон дер Лајен дека европските земји инвестираат премалку во својата одбрана и дека нивната безбедност премногу зависи од другите, мислејќи на САД.

Европа стои покрај Украина

Фон дер Лајен во својот говор ја осуди неодамнешната посета на Москва на унгарскиот премиер Виктор Орбан, чијашто земја моментално претседава со ЕУ. Неговата „самопрогласена мировна мисија всушност беше мисија да го смири Путин“, според неа.

„Два дена подоцна, Путин ги упати руските авиони во детската болница во Киев, што не беше грешка, туку порака до сите нас“, тврдеше фон дер Лајен без да даде докази за своите тврдења, додавајќи дека Европа „мора да даде еднакво јасна порака: Ќе стои од Украина колку што е потребно“. Во исто време, Европа ќе продолжи со „успешна транзиција од „валканата“ руска енергија, рече Германката.

Европа посилно ќе ги штити надворешните граници, уверуваше фон дер Лајен, најавувајќи дека бројот на членовите на Фронтекс на границите ќе се зголеми тројно во нејзиниот нов мандат, на 30 илјади. Таа, исто така, сака да го удвои бројот на вработени во Европол за да ја зајакне таа полициска агенција.

За мирот во Газа и проширувањето на ЕУ

„Крвопролевањето во Газа мора веднаш да престане“, рече фон дер Лајен во Европскиот парламент и најави посилна финансиска помош за „ефективната“ Палестинска сампуправа.

„Премногу деца, жени и цивили ги загубија животите во одговорот на Израел на теророт на Хамас“, рече таа, повикувајќи на одржлив мировен договор.

Нагласи дека решението со две држави е најдобрата опција за безбедноста и на Палестинците и на Израелците.

Во Стразбур, Фон дер Лајен зборуваше и за проширувањето на Унијата како „главен приоритет“ на нејзината Комисија, велејќи дека тоа е „морално прашање“. Проширувањето ќе се заснова на индивидуални заслуги, а земјите кандидати ќе имаат целосна поддршка од ЕУ, тврди Фон дер Лајен.

Во својот долг говор таа допре бројни теми како што се економската нееднаквост, епидемијата на ментални болести и вештачката интелигенција. Таа ја нагласи и неопходноста од постигнување вистинска еднаквост меѓу жените и мажите, почнувајќи од приходите и пензиите.

Нејзиниот говор ќе биде проследен со гласање за нејзиниот нов мандат на чело на Европската комисија.