![Maricic Ursila fon der Lajen](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/Maricic-Ursila-fon-der-Lajen.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја пречека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која пристигна на Меѓународниот аеродром Скопје.
„Посетата е позитивен сигнал за европската перспектива на регионот и е во клучен момент за нашиот евроинтегративен процес. Имаме важни прашања кои треба да ги отвориме за реформите и обврските пред завршувањето на скрининг процесот и пред објавата на годишниот Извештај за напредокот за 2023 година. На утрешниот состанок очекувам корисна и плодна дискусија фокусирана на следните чекори и планови за брз напредок кон полноправно членство во ЕУ“, стои во објавата на Фејсбук профил на вицепремиерот Маричиќ.
![Глобе фон дер Лајен Маричиќ 01](https://i0.wp.com/globe.mk/wp-content/uploads/2023/10/%D0%93%D0%BB%D0%BE%D0%B1%D0%B5-%D1%84%D0%BE%D0%BD-%D0%B4%D0%B5%D1%80-%D0%9B%D0%B0%D1%98%D0%B5%D0%BD-%D0%9C%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%87%D0%B8%D1%9C-01.jpg?w=696&ssl=1)
Претседателката на Европската комисија денеска ќе се сретне со претседателот на Републиката, Стево Пендаровски, а утре премиерот Димитар Ковачевски со свечена церемонија ќе ја пречека на платото пред Владата, по што ќе следува билатерален состанок на двете делегации и заедничка прес-конференција.
Од Скопје, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја започнува четиридневната турнеја низ државите на Западен Балкан, а пред да продолжи за Приштина заедно со премиерот Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Маричиќ и евроамбасадорот Гир, ќе го посети индустрискиот капацитет „Џанвики ДОО“ за преработка на зеленчук и овошје, најголемиот корисник на ИПАРД програмата во државата.