Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека ниту малку „не се сомнева“ дека Украина еден ден ќе се приклучи на Европската унија.
„Украинците ни кажуваат, кога ја замислуваат својата иднина, го гледаат европското знаме како се вее над нивните градови. Не се сомневам дека Украина ќе биде дел од нашата Унија“, рече Фон дер Лајен во Лондон на конференцијата за обнова на Украина.
Фон дер Лајен, исто така, тврди дека Киев ја забрзал својата програма за реформи со „импресивна брзина и одлучност“.
На истата конференција, германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, изјави дека обновата на Украина мора да биде поблиску поврзана со процесот на пристапување во ЕУ.
„Меѓутоа, пред сè, долгорочно гледано, сакаме да помогнеме во поставувањето на темелите за просперитетна украинска економија способна за иднината преку процесот на пристапување во ЕУ“, рече Бербок.