Фон дер Лајен уверена во втор мандат на чело на ЕК

Кандидатката на Европската народна партија (EPP) за претседател на Европката комисија, Урсула фон дер Лајен, е уверена дека ќе добие нов мандат и потребното мнозинство во новоизбраниот Европски парламент.

„Да, уверена сум за новиот мандат, но секако има уште многу работа пред мене“, изјави Фон дер Лајен.

Во изјавата по објавувањето на првите привремени резултати за Европскиот парламент, таа изрази задоволство од успехот на Европската народна партија (EPP), која и натаму останува со најмногу претставници и „сидро на стабилноста“.

„Овие избори ни испратија две пораки, првата е дека сѐ уште има центристичко мнозинство за силна Европа и тоа е клучно за стабилноста. Но, исто така, е точно дека екстремите од левицата и од десницата добија поддршка и затоа овој резултат бара уште поголема одговорност од центристичките партии“, рече Фон дер Лајен, ткн шпицен кандидат на EPP.

Најави дека од денеска ќе контактира со другите две водечки политички групации во Европскиот парламент – социјалдемократите и либералите, со кои сака да воспостави „широка коалиција за силна Европа“.

Фон дер Лајен рече и дека добредојден е „секој кој е проевропски, кој ја поддржува Украина и владеењето на правото“.

Посочи дека „светот е во превирања, дека силите внатре и надвор од ЕУ се обидуваат да ја дестабилизираат и ослабат Европа“. „Никогаш нема да го дозволиме тоа. Овие изборни резултати покажуваат дека мнозинството Европејци сакаат силна Европа“, рече Фон дер Лајен.