Фон дер Лејен: ЕУ е пребавна во одобрувањето на вакцините

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ги призна во средата грешките во стратегијата на Европската унија кон вакцините против коронавирусот, но ги бранеше темелните принципи.

„Доцневме со одобрувањето… И можеби бевме пресигурни дека она што го нарачавме ќе стаса на време“, рече фон дер Лејен пред пратениците во Европскиот парламент.

„Ги потценивме тешкотиите во масовното производство. И на некој начин науката ја престаса индустријата“, додаде челничката на Европската комисија.

Фон дер Лејен, сепак, го бранеше изборот на начинот на одобрување на вакцините за Европската унија.

„Не може да има компромиси кога станува збор за внесување биолошки активни супстации во здраво лице“, додаде германската политичарка.

Три до четири седмици дополнително време неопходно за процесот биле пресудни во вложувањето во довербата на јавноста, според шефицата на телото кое претставува влада на ЕУ, дури и со успорување на кампањата на вакцинирање во блокот.