Фондацијата „Илија Камчев“ донираше на доенчињата и мали деца без родители

„илија камчев“

Одбележувањето на Меѓународниот ден на детето, нашата најскапоцена вредност – идното поколение, на кое треба да му бидат овозможени опстанок и напредок без оглед на било која разлика, како што е раса, боја на кожа, јазик, вероисповед, национално или социјално потекло, не е само чин на добра волја, туку и обврска. Неопходно е да правиме сѐ што е во наша моќ за да им овозможиме на сите деца да учат и растат, и да го постигнат својот целосен потенцијал, бидејќи секоја инвестиција во децата е инвестиција за иднината, изјави Јордан Камчев, претседател на Фондација „Илија Камчев“.

Големо е задоволството што Фондацијата „Илија Камчев“ одлучи одбележувањето на Меѓународниот ден на детето да го реализира преку донација во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца – Битола, од причина што станува збор за исклучително ранлива социјална група, деца на кои поддршката, без оглед на тоа дали доаѓа од оние што непосредно се грижат за нив, или од луѓето однадвор, е неопходна и благородна.  Процесот на деинституционализација за чиешто спроведување активно се залагаме, мора пред сѐ да го овозможи внатрешната трансформација на установата, од аспект на реорганизација на просторот, времето и приодот на грижа кон корисниците на услугите. Тоа не може да се направи без поддршката на субјектите кои се општествено одговорни, како што е во случајов Фондацијата „Илија Камчев“. Јас верувам дека нашата соработка нема да заврши тука и дека истата ќе опфати повеќе проекти во иднина – изјави Наташа Младеновска-Лазаревска, Директор на ЈУ Дома за доенчиња и мали деца – Битола.

Водејќи се од заложбите на Обединетите нации кои пред 25 години ја усвоија Конвенцијата за правата на детето, со што човештвото првпат во историјата јасно и недвосмислено ги дефинираше неотуѓивите права на најмладите граѓани на државите во светот, Фондацијата „Илија Камчев“ продолжува и натаму со низата на активности за згрижување на социјално ранливите категории. Фондацијата излегува во пресрет на потребите на заедницата, давајќи поддршка на иницијативи кои имаат широко општествено значење.