Фондот „Еуроимаж“ чекор поблизу за финансирање телевизиски серии во земјава

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска го потпиша Договорот за учество во пилот-програмата за копродукција на сериска телевизиска програма на „Еуримаж“ преку проектот „Поддршка на програмата за телевизиски серии“.

„Со задоволство објавувам дека денес го потпишав договорот со ’Еуроимаж‘ во вредност од 9 милиони денари годишен депозит за 2024 и за 2025 година! Овие средства доаѓаат од буџетот на Министерството за култура и туризам и ќе бидат наменети за учество во програмата за финансирање ТВ-серии“, рече Љутков.

Со потпишувањето на Договорот, македонските продуценти добиваат шанса директно да учествуваат во користењето на средствата од „Еуроимаж“ за копродукциски проекти, со што ќе се овозможи широка дистрибуција на сериите и нивно прикажување на медиуми во други држави, а тоа е од особена важност за нашата телевизиска продукција.