„Ford“ ќе укине уште 1.600 работни места во Шпанија

Американскиот производител на автомобили „Ford“ во средата извести дека планира дополнително да укине до 1.600 работни места во својата фабрика во Валенсија во Шпанија, како дел од прилагодувањата на капацитетот до почетокот на производството на нов хибриден SUV модел во 2027 година.

Компанијата ги одложи производствените инвестиции во Шпанија во 2022 година поради „ревидираните изгледи за Европа“. Потврдија дека до крајот на деценијата треба да започнат со производство на електрични возила во шпанската фабрика, предупредувајќи дека нивното производство подразбира намалување на бројот на работни места.

Во март минатата година објавија дека поради прекин на производството на монуволуменците „Galaxy“ и караваните „S-Max“, во фабриката во Валенсија се укинуваат 1.100 работни места. Додадоа и дека од 2027 година во Алмусафес, во областа Валенсија, ќе започнат со производство на нов хибриден SUV модел за европскиот пазар, но и за други делови од светот.

Во средата, менаџментот на „Ford“ ги извести синдикатите дека планира трајно да укине уште 600 работни места, според портпаролката, и е подготвена да преговара за можното повторно вработување на преостанатите 1.000 како дел од планираното зголемување на производството почнувајќи од 2027 година.

„Можни се преговори за привремено решение за останатите илјада работници за да се премости периодот до почетокот на производството на новото возило“, се наведува во соопштението за јавноста.

Компанијата има намера да произведува 300.000 автомобили годишно во споменатиот објект, објави тогаш шпанското Министерство за индустрија.

Американскиот автомобилски гигант моментално вработува 4.800 работници во фабриката во Валенсија и го произведува само спортското комунално возило „Kuga“. Минатата година одлучија да укинат 2.300 работни места во Германија и 1.000 во Британија. Од 2030 година имаат намера да продаваат само електрични автомобили во земјите на Европската унија.