Формирана е Комисија за следење на снабдувањето со електрична енергија и за реакција во кризни ситуации

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини формираше  Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, клучен механизам за мониторинг и брза реакција во услови на потенцијални кризни ситуации или нарушувања во енергетскиот систем.

На првиот состанок, Комисијата ги постави основите за нејзиното работење и го усвои планот за редовна анализа на состојбите на домашниот и регионалниот енергетски пазар. Формирањето на Комисијата е иницијатива на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со цел унапредување на енергетската безбедност и навремено справување со итни ситуации, како хаварии или природни непогоди.

Овој орган ќе биде одговорен за:

  • Координација помеѓу сите релевантни институции, енергетски компании и експерти.
  • Постојано следење на снабдувањето со електрична енергија;
  • Анализа на пазарните состојби и потенцијалните ризици;
  • Предложување конкретни мерки за спречување на кризни сценарија;

„Формирањето на оваа Комисија е пример за проактивност во енергетскиот сектор. Целта не е само реакција на криза, туку и градење систем кој превенира и обезбедува стабилност за граѓаните и економијата,“ изјави министерката Божиновска.

Комисијата ќе се состанува редовно за да ги анализира состојбите, а во услови на прогласена криза, состаноците ќе се одржуваат секојдневно. Покрај претставници од Министерството, во работата ќе бидат вклучени и надворешни експерти за обезбедување на сеопфатни и навремени решенија.

Министерството ќе ја информира јавноста за сите препораки и одлуки на Комисијата, како и за конкретните чекори кои ќе се преземат за унапредување на енергетската безбедност.

Со оваа иницијатива, Македонија се позиционира како одговорен енергетски актер кој проактивно ги адресира предизвиците на современото енергетско опкружување.