Формирани потребните собраниски комисии за реорганизација на министерствата

Собраниската комисија за избори и именувања ги комплетираше законодавно правната и комисијата за политички систем кои се неопходни за освежување на составот на министерствата во новата Влада, закон кој новото собраниско мнозинство го најави како приоритет.

Александар Велјановски ќе предводи со законодавно-правната, а Љупчо Пренџов со Комисијата за политички систем. На ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Вреди, и ЗНАМ им фалат уште двајца пратеници за да го имаат двотретинското мнозинство, за донесување на Законот за бришење, но и додавање на нови министерства.

Зајкова, иако најави дека ќе делува независно, сепак на состанокот на ЛДП кажа дека ќе даде поддршка за овој закон. Од СДСМ сакаат да го прочитаат па ќе кажат дали ќе дадат поддршка. Европскиот фронт предводен од ДУИ, обвини дека законот е во корист само на Мицкоски.

Покрај овој закон, мнозинството не крие и дека планира да донесе законски измени со кои ќе се спречат вонредни избори за градоначлници во оние општини чии први луѓе ќе влезат во извршната власт.

На седницата за Комисијата за избор и именување, беше прифатено и барањето на екс претседателот Пендаровски, правото на пензијата да му биде во мирување. Тој по поразот на изборите кажа ќе се врати да им предава на студентите. 

Апанажа досега си побарале вкупно 29 пратеници од стариот состав. Најголемиот дел од нив се пратеници на СДСМ, поради поразот на изборите. 19 пратеници предложени од соцјалдемократите побарале да добиваат плата од народни во рок од една година.

Од Алијанса за Албанците четири пратеници се решиле да примаат апанажа, од ВМРО-ДПМНЕ двајца. Народот ќе ја осигура финансиски и Маја Морачанин од ДОМ, Боби Мојсовски од ЛДП, и по еден поранешен пратеник од редовите на БЕСА и ДУИ.  

Од сите членови на комисијата, само Крмов беше против одобрување на апанажа на поранешните пратеници.