Формула 1: Норис му ја подари победата на Пјастри во спринтот во Катар

Австралискиот возач Оскар Пјастри од тимот на Мекларен победи на саботната спринтерска трка на Големата награда на Катар, откако тимскиот колега Ландо Норис го пропушти во водство непосредно пред целта.

Најдобрата стартна позиција ја имаше Норис, што ја искористи и веднаш го презеде водството во трката, додека Пјастри од вториот ред го мина Џорџ Расел во Мерцедес и го зазема второто место. Расел се обиде да го помине младиот Австралиец за време на трката, но не можеше да го стори тоа, а Норис доби можност со пропуштање да му се оддолжи на својот тимски колега за некои услуги во претходните трки.

„Веројатно беше малку поблиску до финишот отколку што сакав, но планирав да го направам тоа уште од трката во Бразил. Беше малку недоречено, тимот ми кажа да не го правам тоа, но сепак го сторив“, изјави Норис по трката.

Расел заврши трет, додека Ферари ги освои четвртото и петтото место благодарение на Карлос Саинц Јуниор и Шарл Леклер.

Квалификациите за неделната трка за Големата награда на Катар се закажани за подоцна во саботата на патеката во Лусаил. Не може да има промена на врвот на поредокот на возачите, бидејќи Холанѓанецот Макс Верстапен ја обезбеди својата четврта последователна титула минатиот викенд во Лас Вегас.

Двојната победа во спринтот го доближи Мекларен до светската титула кај конструкторите. Мекларен сега има 623 поени, 30 повеќе од второпласираниот Ферари и 67 повеќе од третопласираниот Ред Бул.

Мекларен мора да ја заврши неделната трка со предност од 44 поени за да го обезбеди првото место во поредокот за конструктори овој викенд.

Ред Бул е бранител на титулата. Ферари го нема освоено овој трофеј од 2008 година, а Мекларен од 1998 година