ФОТО| Албанската опозиција протестира во Тирана, барајќи смена на владата со технократски преоден кабинет

Албанската опозиција одржа протест во понеделникот вечерта во главниот град Тирана, барајќи владата да биде заменета со технократски привремен кабинет пред парламентарните избори следната година. Конзервативната опозиција ја обвинува левичарската влада за манипулација со овие предвремени избори и за узурпација на власта, вклучително и судството.

Демократската партија на поранешниот премиер Саљи Бериша изминатава седмица одржуваше протести во Собранието откако нивниот колега Ервин Салијањи беше осуден за клевета, а партијата на Бериша соопшти дека случајот е политички мотивиран. Салијањи во 2018 година побара оставка од тогашниот министер за внатрешни работи поради обвинувања за незаконски активности на неговиот брат за кои подоцна се покажа дека се измислени.

Салијањи, кој од пред повеќе од една седмица издржува затворска казна во траење од една година, поднесе жалба на пресудата до Врховниот суд.

Демократите бараат кабинет составен од технократи, обвинувајќи го премиерот Еди Рама од владејачката левичарска Социјалистичка партија дека манипулира со распишувањето предвремени избори.

Тие долго време ги обвинуваат социјалистите на Рама за узурпирање на власта, вклучително и судството, и организираат насилни протести против владата од 2013 година.

Демократите бараат и Бериша да биде ослободен од домашен притвор, каде што беше ставен во текот на истрагата за наводна корупција.

Опозицијата повика на граѓанска непослушност, протестот го започна со собирање пред главната зграда на Владата.

Стотици полицајци, опремени со гас-маски, зазедоа позиции за да ги заштитат главните државни институции. Полицијата соопшти дека сообраќајот е блокиран на многу улици во центарот на Тирана.

Европската унија и САД ја повикаа опозицијата да продолжи со дијалогот со владата, велејќи дека насилството нема да и помогне на земјата да се интегрира во Европската унија.

Во 2020 година ЕУ одлучи да започне преговори за прием на Албанија, а овој месец Тирана ќе започне преговори за тоа како да се усогласи со владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и борбата против корупцијата.