ФОТО| Бројот загинати во земјотресот во Јапонија се искачи на 55, многумина заробени под урнатините

Во силниот земјотрес што ја погоди Јапонија на Нова година загинаа најмалку 55 луѓе, а спасувачките тимови во вторникот се обидуваат да стигнат до крајбрежните области каде што се стравува дека многу жители се заробени под илјадници уништени домови.

Во Сузу, град со нешто повеќе од 5.000 домаќинства во близина на епицентарот на земјотресот, според градоначалникот Масухиро Изумији, можеби се уништени 90 отсто од куќите.

„Ситуацијата е катастрофална“, рече Изумији.

Земјотресот со магнитуда од 7,6 степени според Рихтеровата скала се случи во понеделникот попладнето, поради што луѓето во западните крајбрежни области побегнаа на повисоките места бидејќи брановите од цунами однесоа автомобили и куќи во морето.

Според јапонската метеоролошка агенција, од првиот земјотрес во понеделникот се регистрирани околу 200 последователни потреси. Агенцијата предупреди дека може да има посилни земјотреси во наредните денови.

Авион на крајбрежната стража, кој требаше да достави помош во областа погодена од земјотресот, се судри со комерцијален патнички авион на аеродромот Ханеда во Токио во вторникот. Во инцидентот загинаа пет членови на јапонската крајбрежна стража. Сите 379 лица во патничкиот авион на компанијата „Japan Airlines“ беа успешно евакуирани.

Премиерот Фумио Кишида изјави дека размерите на штетата од земјотресот стануваат „сè појасни“ повеќе од 24 часа откако природната катастрофа го погоди полуостровот Ното во префектурата Ишикава.

„Владата распореди итни спасувачки екипи од силите за самоодбрана, полицијата и пожарникарите во областа и прави се што може за да ги спаси жртвите и преживеаните, но добивме извештаи дека сѐ уште има многу луѓе кои чекаат да бидат спасени од под урнатите згради“, рече премиерот.

Кишида додаде и дека околу 3.000 спасувачи имаат потешкотии да стигнат до северниот врв на полуостровот, каде зградите и инфраструктурата се тешко оштетени и многу пожари горат.

Многу железнички линии и летови до подрачјето на земјотресот се прекинати. Повеќе од 500 луѓе останаа блокирани на аеродромот Ното, кој беше затворен поради пукнатини на пистата и пристапниот пат и оштетување на зградата на терминалот.

Властите потврдија 55 загинати, сите во префектурата Ишикава, што го прави најсмртоносниот земјотрес во Јапонија од 2016 година. Многумина загинале во Сузу и Ваџима, друг град на оддалечениот северен врв на полуостровот Ното. Многумина, исто така, се повредени, а властите се справуваат со пожарите во неколку градови и извлекиваа луѓе од урнати згради во вторникот.

„Никогаш не сум доживеал толку силен земјотрес“, вели 71-годишниот Шоичи Кобајаши, жител на Ваџима кој бил дома на новогодишен ручек со сопругата и синот кога се случил земјотресот, и опишува како мебелот „летал“ низ трпезаријата.

Папата и неколку светски лидери испратија пораки со сочувство, а американскиот претседател Џо Бајден рече дека САД се подготвени да и ја пружат сета потребна помош на Јапонија.

Јапонската влада нареди евакуација на околу 100.000 луѓе од нивните домови во понеделникот вечерта, испраќајќи ги во спортски сали и училишни сали, кои вообичаено се користат како центри за итна евакуација. Речиси половина од евакуираните се вратија во своите домови во вторникот, откако властите ги укинаа предупредувањата за цунами.

Околу 33.000 домаќинства останаа без струја во префектурата Ишикава по ноќните температури под нулата. Повеќе од 100.000 домови немаат вода.

 

Нуклеарни постројки

Земјотресот, исто така, се случи во чувствителен период за јапонската нуклеарна индустрија, која се соочи со жестоко противење на јавноста откако земјотресот и цунамито во март 2011 година предизвикаа топење на јадрото на реакторот во нуклеарната централа Фукушима на источниот брег. Цели градови беа уништени, а речиси 20.000 луѓе загинаа.

Јапонија минатата седмица ја укина забраната за работа на најголемата нуклеарна централа во светот, Кашивазаки-Карива, која е неактивна од цунамито во 2011 година. Нуклеарната регулаторна управа соопшти дека не се пронајдени неправилности во нуклеарните постројки долж Јапонското Море, вклучително и пет активни реактори во постројките на компанијата „Kansai Electric Power“ во Охи и Такахама во префектурата Фукуи.

Постројката на операторит „Hokuriku Electric Shika“, најблиску до епицентарот, исто така не работи од 2011 година. Компанијата соопшти дека по земјотресот во понеделникот имало прекини на струја и истекување нафта, но немало истекување на радијација. Компанијата претходно соопшти дека се надева дека ќе го рестартира реакторот во 2026 година.