ФОТО| Бројот жртви во земјотресот на Тајван се зголеми на 12, продолжува потрагата по 18 исчезнати

Тајванските спасувачи продолжија со потрагата по 18 лица кои сѐ уште се водат како исчезнати по земјотресот со магнитуда од 7,2 степени според Рихтеровата скала што го погоди планинскиот источен брег на островот, додека десетици последователни потреси ја потресоа зоната на катастрофата.

Во земјотресот во ретко населениот источен округ Хуалиен во Тајван во средата загинаа 12 лица, според ажурираните податоци на властите во петокот, оставајќи стотици блокирани луѓе во националниот парк откако карпите се урнаа од планините, прекинувајќи го сообраќајот.

Противпожарната служба на Тајван процени дека 18 лица сѐ уште се водат како исчезнати, вклучително и четворица странци кои претходно беа идентификувани како Индијци, Канаѓани и Австралијци, чие место на живеење не е познато. Уште шест лица се исчезнати на пешачката патека, а спасувачки тим од 45 луѓе се обидува да стигне до нив, се додава.

Спасувачите потврдија дека околу 400 луѓе отсечени во луксузниот хотел во националниот парк „Taroko Gorge“ се безбедни, а хеликоптери им доставуваат продукти и ги евакуираат повредените.

Група од 50 работници кои беа заробени на патиштата на пат кон хотелот сега се главно безбедни.

Тајван се наоѓа во близина на спојот на две тектонски плочи и е подложен на земјотреси. Повеќе од 100 луѓе загинаа во земјотрес во јужен Тајван во 2016 година, додека во земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтер загинаа повеќе од 2.000 луѓе во 1999 година.