ФОТО| Еден од водачите на француските неонацисти ликвидиран во Украинa

Сезар Ожар, еден од водачите на француските неонацисти кои се борат на страната на силите на Киев е убиен во борбите близу градот Авдиевка последниот голем утврден град во отцепениот источен украински регион Доњецк, кој по повеќемесечни жестоки борби минатиот месец го заземаа руските сили.

„Во близина на Авдиевка, беше убиен водачот на француските неонацисти Сезар Ожер, кој во борбите учествуваше на страната на украинските вооружени сили“, ги цитира агенцијата ТАСС своите извори во руските разузнавачки агенции.

Според нив, постојат одредени потврдени информации дека Ожер одржувал постојан контакт со француските разузнавачки агенции.

Од отворени извори за Сезар Ожер се дознава дека станува збор за припадник на фудбалска хулиганска група, забранета во Франција. Се наведува и дека е близок и со францускиот крајнодесничарски студентски сојуз „Groupe Union Défense“ и со групата фашистички поддржувачи фудбалски хулигани „Paris Zouave“.

Тој во Украина пристигнал во мај 2023 година приклучувајќи се на странските платеници. Од објавите на социјалните мрежи се забележува дека има мноштво тетоважи со нацистичките симболи руни и кукасти крстови, како и симболи на злогласната украинска неонацистичка формација „Азов“. Се борел во баталјонот „Одмазда“.

Кон крајот на јануари француското Министерство за надворешни работи објави дека „Франција нема платеници ниту во Украина, ниту на кое и да е друго место“, во реакцијата на руското Министерство за одбрана кое непосредно претходно објави дека во напад врз хотел во Харков, во источна Украина, биле убиени 60 француски државјани кои се бореле во редовите на украинските сили. Меѓутоа, тие тврдења на официјален Париз беа демантирани и во западните медиуми и од објавите на социјалните мрежи каде што француските платеници објавуваат фотографии и снимки од украинското боиште.

Прво, францускиот телевизиски канал TF1 го демантираше своето министерство објавувајќи ја изјавата на поранешен француски воен пилот Ксавиер Тајтелман. Тој, во настојувањата да го побие тврдењето на Москва за 60-те убиени француски платеници во Харков, во програмата во живо изјави дека контактирал со „пет групи Французи кои се борат во Украина“ како и дека „сите се живи и здрави“.

Потоа, британскиот весник The Times објави обемна статија со извесен Франк, ветеран од француската Легија на странците, кој раскажува како во 2022 година дошол во Украина каде што дејствувал како снајперист на страната на украинските сили, а исто така открива и дека некои негови поранешни колеги се борат на страната на Русија.

Потоа и францускиот министер за одбрана Себастијан Лекорну во интервју за мрежата LCI, потврди дека Французи се борат во Украина, но негираше дека овие активни или поранешни војници организирано се испраќаат на украинското боиште.

„Има Французи, цивили, кои заминаа да се борат во Украина. Не можеме да им забраниме, ние сѐ уште сме демократија“, рече Лекорну но тврдеше дека не станува збор за активни или поранешни француски војници.

Според францускиот закон, платеничката активност е кривично дело (припадниците на Легијата на странците не се вклучени, бидејќи нивниот статус е ист како оној на припадниците на армијата), за кое може да се добијат пет години затвор и парична казна од 75.000 евра, па дури одземање на француското државјанство. Но овие закони во практика не функционираат за ткн „кучиња на војната“, ниту за заврбуваните кои одат на боиште на страна на силите кои ги поддржува официјален Париз.

Француските медиуми пишуваат дека покрај „налудничавите зависници од адреналин“, авантуристи и идеолошки индоктринирани лица кои заминуваат на украинското боиште, има и јасни индиции за „повлекување на војници од активната служба“ или ткн легендирање на активните воени лица (кога се наведува дека земаат долг неплатен одмор) поради заминување на боиштето во Украина на страната на украинските сили.

Во 2022 година, француското разузнавање Дирекција за внатрешна безбедност (DSGI) соопшти дека на украинското боиште минале најмалку 400 француски државјани. Беше наведено и дека оние кои се вратиле во земјата биле „активно сослушувани“, не поради приведување, туку поради собирање информации „од прва рака за ситуацијата на самиот терен“.

Францускиот печат го опишува типичниот француски платеник како маж на возраст меѓу 25 и 40 години „во потрага по смислата на животот“, со борбено искуство или минат период во активна воена служба и со ултрадесничарски погледи на светот. Според медиумите, во Украина француските наемници најчесто се борат во редовите на Легијата на странците чие постоење во првите денови од руската инвазија го потврди украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Во Украина, според отворени извори, француските платеници добиваат месечно меѓу 500 и 3.000 евра. Најчесто се борат во редовите на Легионот на странците кој е во рамките на Вооружените сили на Украина. Но познато е и дека се во составите на баталјоните „Карпатски камшик“ и „Нормандиска бригада“, која ја сочинуваат воени ветерани од западните земји. Од социјалните мрежи познат е и францускиот платенички одред „Багет“, кој е особено активен на интернет, а во еден од нивните последни постови се оплакува загинувањето на извесен борец Ендруј, со борбен прекар „Дентист“.

Француска веб-страница која тргува со воени реквизити, нуди шеврони со Ајфеловата кула втисната во грбот на Украина и со Наполеон и во заднината знамиња на Украина и Франција.

Во петокот за телевизијата BFMTV, пратеникот во Националното собрание до Комунистичката партија, Фабиен Русел, изјави дека на неодамнешниот состанок со челниците на опозициските партии, францускиот претседател Емануел Макрон навестил дека размислува за испраќање француски војници во Украина, доколку руската војска напредува кој главниот град Киев или најважното црноморско пристаниште Одеса и оти сака за тоа да го подготви домашното јавно мнение.

Во четвртокот Макрон разговараше со челниците на опозициските партии во обидот да ги убеди да ја поддржат зголемената воена помош на Франција за Украина. Но, како што известија француските медиуми, опозициските лидери и шефот на државата не постигнале договор за мерките за помош на Киев, а притоа Макрон од соговорниците бил предупреден да не ја вовлекува Франција во војната во Украина.

Кон крајот на февруари Макрон изјави дека Франција „ќе стори сѐ што е потребно“ за да ја спречи Русија „да победи во оваа војна“. По итниот состанок во Париз со 20-ина европски челници и американски висок функционер, Макрон изјави дека сојузниците дискутирале за испраќање војски на членките на НАТО во Украина, иако призна дека во моментов не постои консензус по таа тема.

Набрзо францускиот претседател беше демантиран од европските челници и жестоко критикуван од опозицијата, па дури и од функционери во неговата партија. Тие го обвинија Макрон за „несериозност“ и за вовлекување на земјата во воена, како и дека не се консултирал со парламентот.