ФОТО| Една жртва во навивачки безредија во Аргентина

Едно лице го загубило животот во насилните судири на навивачите во Ла Плата во текот на натпреварот од аргентинското фудбалско првенство меѓу Гимназија Ла Плата и Бока Јуниорс кој беше прекинат.

Натпреварот беше прекинат уште во 9 минута поради големите безредија пред стадионот. Полицијата употребила гумени куршуми и со солзавец ги растерувале навивачите кои се обиделе да влезат на веќе исполнетиот стадион.

Пред стадионот се собрале околу 10.000 навивачи, многумина од нив без влезници. Полицијата во еден момент употребила солзавец кој се проширил и на трибините, па дел од навивачите се симнале на теренот за да дојдат до воздух, поради што натпреварот е прекинат.

„Воздухот беше исполнет со солзавец и не можеше нормално да се дише. Ситуацијата излезе од контрола и повеќе немаше гаранции за безбедноста“, изјавил судијата на мечот Ернан Мастранхело.

Според локалните медиуми, неколку десетици гледачи се пренесени во болница поради дејството на гасовите. Со гумен куршум бил погоден и снимателот на еден спортски канал, а едно лице починало од инфракт.

„Можам да потврдам дека 57-годишен маж починал од застој на срцето“, изјави Серхио Берни, министер за безбедност на покраината на аргентинската престолнина Буенос Аирес.

Четири кола пред крајот на првенството Гимназија е на шестото место со 37 бодови, додека Бока е втора со 42 бодови, а водечки е Атлетико Тукман со 44 бодови.