ФОТО| Ериксон си го исполни сонот, барем еден ден беше тренер на Ливерпул

Во саботата на „Енфилд“ се одигра хуманитарен натпревар меѓу фудбалските легенди на англиски Ливерпул и хландски Ајакс, а тренер на Ливерпул на овој меч беше легендарниот шведски фудбалски стратег Свен-Горан Ериксон.

Со ова се исполни големиот сон на Ериксон, барем на еден ден, да стане тренер на клубот на кој секогаш бил навивач. На почетокот на оваа година Ериксон објави дека му бил дијагностициран рак на панкреасот и дека во најдобро сценарио му останува уште „една година живот“. Тогаш актуелниот германски тренер на „Редстите“, Јирген Клоп ја изнесе идејата да му се овозжи на Швеѓанецот, барем на еден натпревар, да го води својот омилен клуб.

Во саботата, бројни гледачи го поздравија Ериксон со громогласен аплауз кој на „Енфилд“  се појави под звуците на химната на клубот „You will never walk alone“.

„Ова беше сон. Како тренер, отсекогаш тајно посакував да дојдам во Ливерпул, бидејќи тоа е клубот што го обожавам. Бевме блиску до тоа еднаш. Тоа никогаш не се случи, но се случи оваа сабота“, низ смеа изјави 76-годишниот Ериксон.

За време на овој хуманитарен натпревар на клупата покрај Ериксон седнаа Иан Раш, Џон Барнс и Џон Олдриџ, сите легенди на клубот од Ливерпул, а меѓу другите настапија Жерард, Фернандо Торес, Дудек, Шкртел, Литманен, Кајт и многу други.

Во текот на неговата успешна тренерска кариера, Ериксон беше селектор на Англија од 2001 до 2006 година, како и на Мексико, Брегот на Слоновата Коска и на Филипините. Од посилните клубови ги водеше Бенфика, Рома, Фиорентина, Сампдорија, Лацио, Манчестер Сити и Лестер.