ФОТО: Еруптира вулкан на архипелагот Галапагос

За првпат по 33 години еруптира вулкан на еден од островите на архипелагот Галапагос, заканувајќи се за екосистемот, што го инспирирал Чарлс Дарвин за формирање на теоријата на еволуција.

Вулканот Волф, висок 1,7 километри почнал утринава да исфрла оган, чад и лава, соопшти администрацијата на еквадорскиот Национален парк Галапагос.

Вулканот се наоѓа на северниот дел на островот Изабела, најголемиот во архипелагот и е далеку од единственото населено место Пуерто Виљамил, кој се наоѓа 115 километри јужно. Според локалните власти туристичките работи не се загрозени поради ерупцијата.

Лавата која се движи во правец на југозапад засега не претставува опасност по единствената популација во светот на розови игуани, кои живеат во северозападниот дел на островот.