ФОТО| Фестивалот „Браќа Манаки“ свечено затворен со проекција на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“

Со проекција на македонскиот филм „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, a во продукција на ТРИС ФИЛМС и ДМФ ФИЛМС, синоќа во Битола заврши 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

„По изминувањето на сите седум фестивалски денови убеден сум дека сите знаете зошто еден е Манаки. И се надевам дека сега на сите им стана јасно дека на браќата Манаки не им требаат наводници во слоганот зошто суштината е во нивните бесмртни филмски дела и во бесмртните дела на авторите кои како гости ни доаѓаат секоја година на овој фестивал. Еден е Манаки. И една е Битола. И една е Битола која го заслужува овој фестивал. Од оваа година песната „Ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк сокак“ доби уште едно убаво значење. Со поставувањето на ѕвездите на добитниците на нашата награда за животно дело, Широк сокак стана и сокак на славните, на филмот, сокак на најдобрите кинематографери“, рече пред присутните директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски.

Фестивалот секоја година ги вреднува најдобрите кинематографери. Златна камера 300 годинава жирито и додели на кинематограферката Џудит Кауфман за филмот „Наставничка канцеларија“, Сребрена камера 300 на Ранабир Дас за филмот „Се што замислуваме како светлина“, за кој жирито рече дека станува збор за мошне иновативна и интересна презентација на кинематографијата, Бронзена камера 300 за Расмус Видебек за филмот „Ветена земја“, за неговото мајсторско толкување на денешницата, а посебно признание во главната селекција му е доделено на Пабло Лозано за филмот „Хроники на една скитничка светица“.

„Ова беше многу тешка одлука. Сите филмови беа со многу интересна фотографија поради што многу ни беше тешко да одлучиме. Откривме дека филмот „Наставничка просторија“ имаше многу добра кинематографска поддршка и одржуваше многу добра и конзистентна слика која ја маѓепснички ја прикажа драмата во сценариото“, рече претседателот на жирито Џон Сил.

Краткометражниот филм секогаш е голем предизвик за филмските автори. Жирито во состав: Ненси Шрајбер претседателка на жирито и американска кинематограферка, Уна Менгес, британска кинематограферка и Ѓорѓи Клинчаров, македонски кинематографер, одлучија Мала камера 300 да се додели на Хелсио Алемао за филмот „Амарела“. 

Истото жири одлучуваше и за студентските филмови и за најдобра ја прогласи работата на Марго Бесон во филмот „Ананси“. 

За документарниот филм секогаш е голем предизвик да открие непозната димензија. За наградата Железна камера 300 за документарен филм одлучуваше жирито во состав:  Куршат Уресин e во состав – претседател на жирито, турски кинематографер Јани Петери Паси, фински кинематографер и Нурија Ролдос, шпанска кинематограферка.

Железна камера 300 жирито ја додели на Хатем Нечи за филмот „Најголемата лага“.

Во рамките на Европската Ло-Кап програма наградата ја доби Витаутас Каткус за филмот „Токсичен“, кој во голема мера го импресионираше жирито. 

Оваа година беа доделени и неколку нови награди. Награда на Јадранската публика, фестивалот „Браќа Манаки“ стана член на Јадранската група на фестивали заедно со оние во Сараево, Загреб, Љубљана, Тирана и Фестивалот на авторски филм во Белград. Гласањето на нашиот фестивал е завршено и кога ќе се соберат гласовите од сите фестивали ќе биде доделена наградата.
Дејвид Смит и Алис Брукс се добитници на наградата за креативна синергија, додека награда за „Пионер во професијата“ и беше врачена на Ненси Шрајбер, американска кинематограферка, автор на бројни филмови, музички видеа, неверојатна раскажувачка и четврта жена која во историјата на Американското кинематограферско здружение станала негов член.