ФОТО: Генерал – мајор Сашко Лафчиски ја презеде должноста началник на генералштабот на Армијата

Претседателката на државата и врховен командант Гордана Сиљановска Давкова денеска од генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски му го предаде знамето на Генералштабот на генерал – мајор Сашко Лафчиски со што тој официјално ја презема должноста началник на ГШ на Армијата.

Настанот се одржа во рамки на свеченото одбележување на 18 Август, Денот на Армија во Охрид.

Новоназначениот 12-ти по ред началник на Генералштабот на Армијата, Лафчински, веднаш по стапувањето на функцијата, рече дека му е укажана голема чест да ја предводи институцијата што е синоним за вредности и принципи, но и уште поголема е одговорноста…

– Ќе го вложам целото свое знаење, искуство и капацитет во исполнување на мисијата на Армијата, во нејзината подготовка за одбрана и заштита на државата и одбрана на националните интереси, како дома така и надвор, рече Лафчински.

Началникот на Генералштабот во оваа прилика истакна дека ќе продолжи да работи на градење на капацитетите и способностите на Армијата, интеграција на развојните планови со Планот за транспормација и плановите за модернизација, се со цел постигнување највисока борбена готовност и подобрување на интероперабилноста со сојузниците и партнерите.

– Искреноста, чесноста и етичкото однесување мора да бидат темел на нашата Армија. Ние им служиме на граѓаните и секогаш мора да бидеме достојни за нивната доберба. Затоа очекувам од секој од вас да ги одржувате највисоките стандарди на интегритет во сите негови форми. Од оваа позиција уште повеќе верувам во моќта на тимската работа и инклузивноста…затоа повикувам во јакнење на колективот кон нови победи, рече тој, притоа најавувајќи ги неговите планови и приоритети, на ставање во оперативна функција на вооружувањето и опремата обезбедени согласно планот за модернизација. Еден од врвните приоритети, како што посочи, ќе остане развојот на лесната пешадиска батаљонска група, преку која радијално че се зголемуваат капацитетите и способностите на останатите единици…

Сиљановска Давкова, во петокот потпиша укази за унапредување на бригадниот генерал Сашко Лафчиски во чин генерал-мајор и за негово поставување за началник на Генералштабот на Армијата.

Досегашниот началник на Генералштабот, генерал-потполковник Ѓурчиновски е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност и операции.