ФОТО| Голманот на Вест Хем е свесен и комуницира по сударот на теренот

Тренерот Хулен Лопетеги изјави дека голманот на Вест Хем Јунајтед, Лукаш Фабијански бил свесен и дека разговарал со него откако беше изнесен на носилки во првото полувреме од првенствениот натпревар во Саутемптон по сударот со пшротивничкиот играч.

Дефанзивецот на домаќините Нејтан Вуд налета на полскиот голман, откако овој веќе расчисти една нафрлена топка пред неговиот гол во 29. минута. Вуд доби жолт картон поради невнимателниот потег, а Фабијански по седум минути укажување помош беше изнесен од теренот на носилка.

Кога беше изнесен од теренот, Фабиански имаше маска за кислород, а Лопетеги потврди дека не морало да оди во болница, туку дека останал на стадионот „Сент Мерис“, каде Вест Хем стигна до победа со голот на Џерод Боувен во 59. минута.

„Доби силен удар во пределот на главата, околу вратот и не беше многу сигурен во своите постапки. За среќа, веста е дека зборува, буден е, свесен е“, изјави Лопетеги.

„Разговарав со него. Лекарите велат дека се чувствува подобро. Јас сум позитивен. Се покажа дека, повеќе или помалку, целосно се врати во нормална состојба на свеста. Не се плашам. Се плашевме, но сега тој е подобро и тоа е позитивно чувство, бидејќи бевме многу загрижени“, изјави тренерот на Вест Хем.