ФОТО| Градоначалникот Ѓорѓиевски и министерот Ристовски најавија реконструкција на салата „Расадник”

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес заедно со министерот од новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски, ја посетија салата “Расадник”. Најавија дека после децении негрижа од поранешното раководство почнува процесот за нејзина реконструкција. Во финална фаза е нарачаниот проект од Општина Кисела Вода која од минатата година по долг и мачен процес, правно и без долгови ја презеде од Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт. По изготвувањето на проектот, ќе може да се премине кон градежни активности кои треба да го вратат на граѓаните овој култен дом на спортот од кои скопјани имаат прекрасни спомени. Проектот кој се очекува да чини околу 1.5 милиони евра ќе биде финансиски покриен од Министерството за спорт.

– На мое големо задоволство, денес заедно со министерот од новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски, сме во салата “Расадник” за да информираме за нешто што се чекаше со децении наназад. По еден долг период одбележан со негрижа и занемарување, некогашниот симбол на спортскиот дух на нашата општина и градот, салата “Расадник” конечно ќе биде реконструирана и вратена на користење на граѓаните.

Во текот на минатата година, Општина Кисела Вода правно го презеде управувањето со овој објект. Без наталожените долгови спортската сала “Расадник” беше преземена од Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт, кое има задача да стопанисува со државни спортски објекти, но и да инвестира во одржување на спортските комплекси, а кое поради 30-годишната негрижа салата ја претворило во руина, во демолиран, небезбеден и целосно уништен простор.

Уште тогаш, по извршениот увид, утврдивме дека е неопходна темелна реконструкција и веднаш започнавме со процесот на подготовка. Сакам да информирам дека Општина Кисела Вода го нарача проектот и тој е во финална фаза. Откако ќе биде готов, започнува реконструкцијата. Со оглед на тоа што се работи за искучително скап зафат, големо е моето задоволство што можам да информирам дека средствата се обезбедени и тој ќе се реализира преку Министерство за спорт во Владата на Република Македонија.

Оваа спортска сала има посебно место во срцата на нашите граѓани. Таа беше дом на култниот тим “Вардар” и сведок на многу славни спортски моменти. За многумина од нас, таа е симбол на спортскиот дух, заедништвото и успехот и затоа, нашата цел е да и го вратиме загубениот сјај и таа повторно да биде место каде што ќе се пишуваат нови спортски истории. Сакам да му се заблагодарам на новиот министер за спорт, Борко Ристовски за поддршката и визијата која ја делиме. Неговата посветеност кон спортот и развојот на спортската инфраструктура е од клучно значење за овој проект. Очекувам дека ваквите проекти ќе станат чести во иднина и дека ќе имаме уште многу можности да инвестираме во спортската инфраструктура за доброто на нашите граѓани. Воедно, Со нетрпение очекувам реновираната сала Расадник  да го отвори своите врати и повторно да стане дом на тимот “Вардар”, кој со своите успеси ја испиша историјата на македонскиот спорт-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

– Денес е еден од оние денови кога се будат спомените, но и се отвораат нови можности за иднината, посебно во делот на спортот. Како министер во новоформираното Министерство за спорт, со големо задоволство и гордост сакам да го најавам почетокот на реконструкцијата на спортската сала „Расадник“. Ова некогаш култно место за сите спортски вљубеници во нашата земја, носи спомени за преполните трибини и за незаборавните натпревари во кошарка, ракомет и одбојка. „Расадник“ беше и дом на легендарниот клуб “Вардар” и место каде спортистите и навивачите живееја заедно во спортски дух и заедништво. Како спортист и ракометар, и јас лично имам длабока сентиментална врска со ова место, исто како и сите оние кои некогаш тука играле или навивале. Искрено се заблагодарувам на градоначалникот Ѓорѓиевски, кој денес е тука со нас. За пофалба се неговата решителност и напорите да го преземе управувањето на салата од поранешните централни власти, кои ја оставија во руинирана состојба. Заеднички успеавме да создадеме финансиска конструкција која ќе овозможи реконструкција на ова некогаш култно место и негово враќање во живот. Откако проектот ќе биде готов, веднаш ќе започнеме со работа со цел „Расадник“ што побрзо да биде повторно дом на спортот и расадник на идните спортски легенди. Нашата цел е овој простор да стане модерен спортски центар кој ќе го негува спортскиот дух и ќе ги инспирира идните генерации-изјави  министерот за спорт Борко Ристовски најавувајќи дека како министер за спорт, ќе работи  на реализација на капитални спортски инфраструктурни проекти и  поддршка на спортот и спортистите.