ФОТО| Хаос покрај градилиштата во Центар, ќе воведе ли општината ред?

Необезбедени градилишта, смет и уништени зелени површини се секојдневна слика во ценралното градско подрачје. На територија на Општината Центар веќе подолго време може да се забележи хаос предизвикан од неспроведување на прописите при градежните зафати и непочитување на Законот за градење, но, и непреземање ништо од страна на локалната власт да ја среди оваа состојба.

Поради импровизираните знаци на необезбедените градилишта, расфрлан градежен материјал, постои голем ризик да се загрози безбедноста на минувачите.
Законот за градба е јасен и кажува дека изведувачот е должен градилиштето да го загради заради спречување на неконтролиран пристап во градилиштето со соодветна ограда на начин што работата во градилиштето нема да ги загрози минувачите. Градилиштето мора да биде означено со информативна табла која задолжително треба да содржи име, односно назив на учесниците во изградбата, назив и вид на градбата која се гради, надлежниот орган од членот 58 на овој закон, број и датум на издаденото одобрение за градење, како и назнаката дека се работи за заштитено недвижно културно наследство согласно со закон, ако таа градба е запишана во Националниот регистар на културно наследство.

Фотографиите говорат за една поинаква состојба на терен, а надлежните и инспекциските служби се должни да ги санкционираат незаконските активности на инвеститорите, бидејќи во спротивно работат против интересите на граѓаните од чии даноци всушност ги заработуваат своите плати.