ФОТО I Пригожин на самитот на Русија и Африка во Санкт Петербург

Фото: социјални мрежи

Шефот на приватната руска безбедносна група Вагнер, Евгениј Пригожин, е фотографиран во Санкт Петербург за време на овонеделниот самит на Русија и Африка, објави Би-би-си. Пригожин е виден како се ракува со амбасадорот Фреди Мапоука, висок дипломат во Централноафриканската Република.

Фотографијата на Фејсбук ја објави Дмитриј Ситиј, кој наводно управува со операциите на Вагнер во таа земја. Ова е прво потврдено појавување на Пригожин во Русија од неуспешниот оружен бунт на Вагнер во јуни.

Средбата на Пригожин и Мапоука била одржана во хотелот Трезини палас во Санкт Петербург.

Би-би-си верифај користел софтвер за препознавање лица за да спореди познати фотографии на функционерот на Централноафиканската Република со фотографијата на која се наоѓа Пригожин и веродостојноста била 99 отсто.

Деталите на ентериерот кои се гледаат во позадина одговараат на хотелот Трезини палас кој, според руските медиуми, е во сопственост на Пригожин.

Состанокот следува по појавувањето на Пригожин во Белорусија минатата недела. На снимките објавени на Телеграм Пригожин ги поздравува борците на Вагнер групата и критикува настани на боиштето во Украина како „срамни“.

Пригожин навестува дека Вагнер би можел покасно да се врати во војната.

Преминувањето на Вагнер во Белорусија е дел од договорот со кој заврши обидот за бунт на групата во јуни, по марширањето кон Москва и заканата за вовлекување на Русија во граѓанска војна, кажа рускиот претседател Владимир Путин, домаќинот на самитот со шефовите на африканските држави кој завршува денес.