Од денес во општината Ѓорче Петров на теренот на фудбалскиот клуб „Њу Старс“, како и на теренот во Градскиот парк ќе се одржува интернационален турнир во фудбал на кој учество ќе земат повеќе од 100 екипи од Македонија и од регионот.
Поради големиот интерес за овој турнир,пријавени се екипи и од земјите од регионов, па така учество покрај Македонија, ќе земат и екипи од Албанија, Косово, Србија и Бугарија.
Овој турнир ќе се одржува на две локации, едната е на теренот во Ѓорче Петров, а втората е во Градскиот парк. Истиот е организиран од клубот „Њу Старс“ од општината Ѓорче Петров.
Од клубот „Њу Старс“ велат дека сакаат овој турнир да прерасне во уште поголем, со цел сплотување на младите.
Мотото на овој турнир е „Да им дадеме шанса и да им подадеме рака на сите деца“.
Турнирот официјално го отвори градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
-Денес присуствував на отворањето на турнирот во фудбал “New Stars Cup 2023”во организација на фудбалската школа “New Stars” од Општина Ѓорче Петров, која во изминатите години бележи раст на дечиња кои фудбалски се едуцираат на територијата на нашата општина, како и дечиња кои се дел од младите категории во репрезентацијата на Македонија, рече во своето обраќање Стојкоски.
-Натпреварите ќе се одиграат на три терени на територијата на Скопје, меѓу кои и стадионот “Млади Лавови” во нашата општина, каде што ќе имаме убава можност да погледнеме повеќе фудбалски екипи од вкупно 120 екипи од Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција и Албанија, кои ќе настапат на овој турнир. Турнирот е пред се од пријателски карактер, односно одлична можност за сите дечиња да другаруваат, да стекнат нови пријателства, како и да развијат борбен и натпреварувачки дух, се со цел да градат нови перспективи на патот кон спортскиот успех, истакна Стојкоски.
Градоначалникот порача дека Општината ќе продолжи да биде поддржувач и промотор на спортот и спортистите, се со цел општина Ѓорче Петров и во иднина да биде синоним за победи и врвни спортски достигнувања.
Свое обраќање имаше и претседателот на клубот „Њу Старс“ и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
-Очекувам дека овој турнир ќе прерасне во еден традиционален турнир, препознатлив не само во Македонија туки и пошироко во регионов. „Њу Старс“ произведе многу фудбалери кои што настапуваа во сите младински категории на нашите национални тимови, кои што се професионални фудбалери во нашата прва и втора македонска фудбалска лига. Со задоволство можам да кажам дека пред неколку дена уште еден наш фудбалер кој што повеќе од десет години тренираше кај нас, потпиша за реномиран европски клуб, а тоа нас не’ прави горди и не тера да продолжиме да работиме повеќе, рече во своето обраќање Ѓорѓиоски.
Ѓорѓиоски додаде дека негова цел и цел на клубот „Њу Старс“ е да прават нови фудбалски ѕвезди, но дека уште поголема цел е да има здрави млади личности со силни карактери кои во иднина ќе бидат носители на ова наше општество.