Напуштена деловна зграда висока 26 ката којашто ја окупирале околу 150 ткн сквотери, рано утрото во вторникот по локално време била зафатена од пожар, по што се урнала.
Најмалку едно лице го загубило животот, а уште три лица се сметаат за исчезнати, пренесува електронското издание на дневниот весник Folha de S.Paulo, повикувајќи се на локалните власти.
Телевизиските снимки прикажуваат пожарникар кој од покрив на блиска зграда разговара со маж кои се држи за спасувачката сајла и се обидува да побегне од горниот дел на зградата во пламен. Зградата ненадејно се урнува, а мажот исчезнува во чадот. Властите објавија дека веројатно е починат, но дека сѐ уште се трага по него.
Пожарот се проширил и на соседната зграда, но таа била брзо евакуирана и никој не е повреден.
Сѐ уште не е позната причината за пожарот, а бројот на жртвите може да расте, истакнал началникот на противпожарната служба на Сао Паоло, Андре Елиаш. Гувернерот на бразилската сојузна држава Сао Паоло, Марсио Франка, на местото на настанот изјави дека станува збор за трагедија којашто можела да се предвиди.
Сквотерите ја окупирале зградата пред седум години, а во долните десет катови живееле околу 150 луѓе, пренесува бразилската телевизија Globo TV. Градските и сојузните власти со години се обидуваат насила да ги протераат сквотерите од зградите во центарот на Сао Паоло поради плановите за обновување на таа област.
Според гувернерот Франка, во целата област се окупирани околу 150 зданија, а тамошните сквотери со години создаваат притисок врз владата да го реши станбеното прашање на бездомници и семејствата коишто поради разни причини, најчесто хипотекарни, останале без дом во оваа бразилска метропола.