ФОТО и ВИДЕО| Остатоците од ураганот Ајда предизвикуваат хаос, девет мртви во Њујорк

Остатоците од ураганот Ајда кој го девастираше североистокот од САД, во четвртокот во Њујорк донесе силни дождови и поројни поплави во кои загинале најмалку девет лица, откажани се стотици летови и прогласена е вонредна состојба.

Според полицијата, во Њујорк ноќта кон четвртокот по локално време поради невремето животите ги загубиле најмалку девет луѓе. Вкупно загинале најмалку 17 луѓе откако Ајда во неделата стаса до копното во сојузната држава Луизијана.

Патиштата и улиците наместа се претворени во реки и поплавени се некои станици на њујоршкото метро, каде е прекнат сообраќајот, објави градскиот оддел за јавен транспорт.

Метеоролошката служба измерила апсолутен рекорд од 80 милиметри дожд за еден час во Централ Парк.

Среде ноќта, новата гувернерка на сојузната држава Њујорк, Кети Хокул, поради големите поплави првпат во историјата прогласи вонредна состојба во сите окрузи кои граничат со градот, што се однесува на речиси 20 милиони луѓе.

Њујорк и околината кон крајот на август беа погодени од ураганот Хенри. Во октомври 2012 година градот беше погоден од ураганот Сенди.

Њујоршкиот градоначалник на заминување Бил де Блазио оцени дека станува збор за „историско“ невреме и исто така прогласи вонредна состојба во метрополата.

Откажани се стотици летови од аеродромите Њуарк, Лагвардија и Џон Кенеди. Во Њуарк е поплаен еден терминал.

Поплавени се улиците во Бруклин и Квинс, па не е возможно движењето на автомобили и други полесни возила.

Во паркот „Флешинг Медоус“ во Квинс поради силниот дожд мораше да биде прекинат тенискиот меч од второто коло од УС Опен меѓу Јужноафриканецот Кевин Андерсон и Аргентинецот Диего Шварцман иако теренот беше покриен но прокапе.

Силниот дожд и ветрови ги погодиле и округот Вестчестер, северно од Њујорк, поплавувајќи за неколку минути многу подруми на куќите.

Во сојузните држави Пенсилванија, Њу Џерси и Мериленд се појавиле големи торнада. Во Њу Џерси, исто така, е прогласена вонредна сосојба, а таму загинало едно лице.

Ураганот Ајда ослебе во пост-тропски циклон и би требало да се движи во насока кон север. Американскиот претседател Џо Бајден во петок ќе ја посети Луизијана каде се уништени многу згради, а повеќе од милион домаќинства останаа без снабдување со електрична енергија.